Илустрација / Фото: Zoonar/pzAxe, Zoonar GmbH / Alamy / Profimedia

Неверојатно откритие во холандско село: Пронајдено закопано изгубено римско богатство, лежело недопрено 2.000 години

Во близина на местото Буник, во холандската провинција Утрехт, двајца „ловци на богатство“ пронашле закопана ризница, што датира од периодот на римската инвазија на Британија под императорот Клаудиј (околу 43 година н.е.).

Со помош на детектори за метал, тие откриле залиха на голема количина римски и британски монети, што претставува прв таков пример на европскиот континент, пренесува „Ерт“ (Earth.com).

Експертите истакнуваат дека ова откритие во Холандија, направено кон крајот на 2023 година, дава фасцинантен увид во историските врски помеѓу Римското царство и британските племиња.

Претставници на Агенцијата за културно наследство на Холандија (РЦЕ) во моментов го проучуваат составот на почвата, остатоците од вегетацијата и релјефот за да утврдат кој го закопал богатството и зошто.

Првите анализи покажале дека ризницата била транспортирана меѓу Британија и границата на Римското царство на реката Рајна, што укажува дека најверојатно ѝ припаѓала на римски војници кои се движеле меѓу фронтовите во текот на кампањите во северозападна Европа.

Според проценките, вкупната вредност на монетите одговара на речиси 11-годишна плата на римски војник, што укажува дека ризницата припаѓала на висок офицер или на заеднички воен фонд.

„Ловците на богатство“ пронашле 44 британски златни статери, 72 римски златни ауреуси и 288 римски сребрени денариуси, исковани во периодот од 200 година п.н.е. до 47 година н.е.

Сребрениците, кои служеле како основно платежно средство за војниците и трговците, опфаќаат низа римски владетели – од Републиката до раното Царство, што помага во датирањето на ова уникатно откритие.

Златните ауреуси биле користени за големи трансакции и исплати на офицери, додека британските статери со натпис CVNO и симболи на коњ и клас жито потекнуваат од времето на кралот Кунобелин од југоисточна Англија.

Истражувањето покажало дека богатството е закопано на влажно место, покрај мал канал, плитко под површината. Немало остатоци од дрво или керамика, па се претпоставува дека монетите биле оставени во кожена или платнена торба која се распаднала.

Причините за криење на вредноста остануваат предмет на шпекулации. Научниците претпоставуваат дека станува збор за воена заштеда на офицер или можеби за ритуален подарок (donativum), кој Римјаните често го принесувале по враќањето од воена кампања.

Богатството сега се наоѓа во Националниот музеј на антиквитети во Лајден, во постојаната изложба „Холандија во римската ера“, каде што посетителите можат да видат монети со ликовите на царевите Август, Тибериј и Клавдиј, но и владетели надвор од Рим – Јуба Прв од Северна Африка и Кунобелин од Британија.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот