Неочекувано мала потрошувачка пред празниците – Месото наместо на трпеза, остана во фрижидерите на трговците
За да не им пропадне стоката, трговците деновиве ги бомбардираат граѓаните со рекламни пораки за екстра попусти и акции и над 20 отсто. На социјалните мрежи дури кружи и наградна игра на еден трговски синџир во соработка со една фарма, во која граѓаните може да добијат одредено количество свински кременадли, ребра или плешка, доколку ја споделат објавата и коментираат!
Потрошувачката треска речиси и не се чувствува на два дена пред Нова година, иако продавниците крцкаат од разни деликатеси, алкохолни пијалаци, овошје, зеленчук и месо. Неофицијално, трговците се жалат дека нема споредба со претходните години, иако тие и во 2023-та ќе имаат солидни профити, но само поради превисоките маржи. За да не им пропадне стоката, трговците деновиве ги бомбардираат граѓаните со рекламни пораки за екстра попусти и акции и над 20 отсто. Намалувања има и кај алкохолните пијалаци, овошјето и слатките, но она што е најевидентно е дека најмалку се продава месо. Затоа се нуди со дополнителен попуст од 10 отсто, а прасечкото се продава со подарок пиво! На социјалните мрежи дури кружи и наградна игра на еден голем трговски синџир во соработка со една сточарска фарма, во која граѓаните може да добијат одредено количество свински кременадли, ребра или плешка, доколку ја споделат објавата и коментираат!
Препорачано
-И џабе да го даваат, прескапо е. Ги набилдаа цените, фрижидерите им се полни, а покрај свежото месо и сувомеснатите производи се изгор. Што е намалување од 10 отсто, ако претходно сте ја качиле цената за 70 отсто. Потоа ги ставаат во кошниците за производи со краток на траење, за да не ги фрлат – коментираат граѓаните.
Оваа година на трговците не им оди на рака и тоа што дочекот се паѓа во недела, што значи дека останува само уште еден работен ден за да се завршат покупките. Бидејќи неделата е неработен ден, 80 отсто од дуќаните ќе бидат затворени, а тој ден до 17 или 20 часот ќе работат само маркетите во трговските центри.
-Цените во однос на лани се поскапени меѓу 30 и 60 отсто. Замрзнувањето трае само два месеци, а и тоа не е реално бидејќи се отиде до максимум. Некаде од март има забележителен пад на стандардот на граѓаните, така што нивната потрошувачка дополнително е намалена – посочуваат во еден скопски маркет.
Несомнено е дека двегодишниот тренд на поскапување целосно го промени однесувањето на потрошувачите, особено на оние со просечни примања. Многу повнимателни се, повеќе пресметуваат дури и со најосновните производи. Се повеќе се заборава купувањето по килограм, сегашното е по грам, па дури и по парче, така да се каже, по потреба.
И новата методологија за пресметување на потрошувачката кошничка покажа дека семејство со двајца родители со мининални плати им недостигаат дури 16 илјади денари за да ја покријат минималната кошничка и тоа според професорот Никола Поповски само ако пазарат најосновно и на попуст. Аналите на ССМ нудат преглед дека работниците кои изминатите четири години земале просечна плата од 27.500 денари до 37.800 денари, можеле да подмират од 77 до 85 отсто од најнеопходните потереби на неговото четиричлено семејство, во согласност со досегашната вредност на синдикална минимална кошница. Според новата новата методологија за пресметка, вредноста на кошницата од 56.522 денари, просечната плата може да подмири 67,01 отсто од вкупната вредност на производите и услугите вклучени во пресметката.
Со старата облека на дочек на Новата година
Оваа година и облеката стана прескапа, а брендираните парчиња станаа луксуз за просечниот потрошувач. Продажбата на небрендираните парчиња е драстично зголемена, брифираат низ скопските бутици, во кои деновиве продавачките „вртат палци и се додеваат“. Иако не признаваат, дел од Македонките се повеќе рошкаат и низ продавниците за секанд хенд.
-Немам намера, а и не можам да трошам пари за нова облека. Годинава цените збеснаа, а квалитетот никогаш не бил полош – коментираат граѓаните.


