Славко Алексиќ / Фото: Јутјуб/Принтскрин

Ненадејно умре клучен сведок во истрагата за „сараевското сафари“, иако бил здрав

Клучен сведок во центарот на истрагата за тоа дали богати туристи плаќале илјадници евра за да убиваат невооружени цивили во Сараево за време на опсадата на градот во 1990-те, ненадејно починал.

Славко Алексиќ, поранешен босански командант на милиција, починал во градот Требиње, иако, според наводите, бил во добра здравствена состојба, објави британски „Тајмс“.

Неговата ненадејна смрт доаѓа откако минатиот месец во Италија беше покрената истрага по обвинувања за таканаречени снајперски „човечки сафарија“ за време на балканските војни – крвав конфликт во кој загинаа повеќе од 11.000 цивили.

Алексиќ ја контролирал зоната околу Еврејските гробишта над Сараево, која била користена од снајперисти, а според српскиот адвокат Чедомир Стојковиќ, 69-годишниот поранешен командант ќе беше клучен сведок бидејќи „можеше да каже кој пукал и кој го организирал сето тоа“.

– Во ноември, Алексиќ очигледно беше во добра здравствена состојба, а сега одеднаш, и тоа многу „погодно“, почина – додаде хрватскиот истражувачки новинар Домагој Маргетиќ.

Минатиот месец, српскиот претседател Александар Вучиќ беше обвинет дека бил вмешан во снајперските „човечки сафарија“ во Сараево – обвинување што тој го негира.

Дали воопшто постоеле богати ловци на луѓе во Сараево?

На 24 ноември, Алексиќ даде интервју за српска телевизија во кое инсистираше дека претседателот немал никаква вмешаност во снајперските дејства.

– Алексиќ тогаш беше жив и здрав, не најави никаква фатална болест и, напротив, рече дека ќе сведочи во корист на Вучиќ – изјави Маргетиќ.

На фотографија од 1992 година се гледа босански војник како возвраќа оган додека тој и цивили се под оган. Се тврди дека туристи од Италија, САД, Русија и други земји плаќале илјадници евра за да „ловат“ невини луѓе.

Во меѓувреме, се појави видео од автомобил марка „Тојота“, за кој се тврди дека го користел Славко Алексиќ, на кое на хаубата е поставен човечки череп, наводно изваден од тело на босанска жртва и со шлем на Обединетите нации. Според хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ, Алексиќ на 12 декември изјавил во радиоемисија дека се наоѓа на лекување во Белград, откако, наводно, бил пренесен од Босна во воената болница во српската престолнина со помош на српските безбедносни служби.

Поранешен разузнавач за „Сараевското сафари“: Имаше ценовник за тоа колку плаќале викенд-снајперистите за убиство на жени, деца, трудници

Српскиот адвокат Чедомир Стојковиќ оцени дека постои разумна основа за сомнеж оти смртта на Алексиќ е поврзана со тековната истрага за т.н. „човечки сафари“, посочувајќи дека станува збор за негово лично мислење. Маргетиќ, пак, апелираше до обвинителите за воени злосторства да се изврши обдукција и да се спречи каква било итна кремација или погреб, со цел да се утврди дали постојат траги од труење.

Случајот повторно го насочи вниманието кон документарниот филм „Сарајево сафари“ од 2022 година, на режисерот Миран Зупанич, во кој се изнесуваат тврдења дека богати странски државјани од Русија, Канада и САД за време на војната во Босна и Херцеговина доаѓале на ридовите околу Сараево за да пукаат врз цивили, со наводни „тарифи“ кои биле повисоки за гаѓање деца.

Преживеаните од опсадата изразуваат надеж дека истрагата отворена во Милано ќе доведе до целосно расветлување на наводите, додека српскиот претседател Александар Вучиќ категорично ги негира сите обвинувања за поврзаност со овие снајперски дејства.

Италијанското обвинителство постапува по кривична пријава поднесена од новинарот и писател Ецио Гавацени, кој тврди дека странските посетители плаќале меѓу 70.000 и 88.000 фунти на босанско српски борци за пристап до снајперски позиции за време на конфликтот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот