Дали воопшто постоеле богати ловци на луѓе во Сараево?
Која е вистината во три децении старата приказна за „сараевските сафарија“? Богати луѓе од Америка, Канада, Русија и од Западна Европа, така гласи приказната, наводно плаќале многу пари за време на опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година за да можат од ридовите над босанскиот главен град да пукаат врз луѓе, анализира германскиот портал „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) за „сараевските сафарија“.
Препорачано
Во Италија, кривичната пријава поднесена од миланскиот писател Ецио Гавацени до Обвинителството во Милано одеднаш ја врати во фокусот приказната за „воените туристи“ во Сараево – тема што меѓународните медиуми повеќепати ја обработуваа од средината на 1990-те и предизвика големо медиумско внимание. Најмалку пет италијански државјани од Милано, Торино и Трст, тврди Гавацени, плаќале по 80.000 до 100.000 евра за викенд-патувања во Сараево, за од ридовите под српска контрола да ловат деца, жени и мажи по улиците на градот.
Обвинителството покренува истрага за „убиства од ниски побуди“
Обвинителството во Милано покрена истрага поради сомнение за повеќекратни убиства сторени од ниски побуди. Според италијанските медиуми, сослушувањето на сведоци наскоро треба да започне, меѓу нив и поранешниот припадник на босанската разузнавачка служба Еедин Субашиќ. И поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ, наводно е подготвена да сведочи.
Покрај тоа, популистичкото Движење „Пет ѕвезди“ упати барање до парламентот за пристап до документите што евентуално се наоѓаат во архивите на италијанските разузнавачки служби и се однесуваат на „сараевските сафарија“.
Уште во 1995 година италијанскиот весник „Коријере дела сера“ пишуваше за наводни викенд-екскурзии за „лов на луѓе“. Гавацени изречно се повика на тој ран новински текст, кој, како што вели, тогаш му го разбудил интересот. Но, интензивно почнал да истражува дури години подоцна предизвикан токму од документарниот филм „Сарајево сафари“ на словенечкиот режисер Миран Зупанич од 2022 година. Филмот премиерно беше прикажан на фестивал во Сараево во септември 2022 година. Кратко потоа, Обвинителството на БиХ отвори предмет, но засега не произлегоа значајни резултати.
Патот на „ловците“: од Трст преку Белград до Пале?
Гавацени тврди дека познава неколкумина Италијанци кои патувале да ловат луѓе, а меѓу нив бил и поранешен сопственик на приватна клиника во Милано. Од пролетта 1993 година до пролетта 1995 година, според него, околу 100 странци учествувале во овие „сафарија“. Босанскиот разузнавач Еедин Субашиќ, според Гавацени, во тоа време му пренел на претставникот на италијанската воена разузнавачка служба СИСМИ (денес АИСЕ) имиња на италијански учесници. По неколку месеци СИСМИ наводно одговорила дека Италијанците тргнувале од аеродромот во Трст, па преку Белград биле носени на Пале – тогашната престолнина на српските територии во БиХ источно од Сараево.
Воена легенда, пропаганда или вистински злосторства?
Сè уште не е јасно дали навистина повеќе од 100 богати мажи од целиот свет пред 30 години се упатиле во планините над Сараево за монструозен „лов на луѓе“, приказната за „саревските сафарија“ е една од воените легенди кои никнуваат во хаосот на војната или, пак, пропаганда насочена против српските агресори.
Според наводите, српските „туристички водичи“ барале посебни доплати за убивање деца, додека „отстрелот“ на повозрасни бил дел од основниот пакет.
Досега, во нидна од земјите од кои наводно доаѓале „ловци на луѓе“ – а меѓу нив, се вели, имало и Германци – не е идентификуван ни обвинет ниеден осомничен. Сигурно е дека Сараевците, особено за викендите, биле под силен оган на снајперисти. Но, веројатно тоа не се должело на странски „ловци на луѓе“, туку на дополнително ангажирање босанско-српски милиционери кои преку неделата имале други работни обврски.
Дали Гавацени само сака да лапне пари за неговата книга?
Гавацени, чии методи не се без сомнежи, тврди дека неговата книга на оваа тема е 80 отсто готова, а адвокатите моментално го проверуваат ракописот. Доколку со поднесувањето на пријавата најмногу сакал да започне медиумска кампања за својата нова книга, тогаш успеал.
Покрај неговото тврдење дека поради „индиферентност кон злото“ ловците на луѓе од Сараево не се разоткриени ни по 30 години, медиумското ехо создаде различни наративи за мотивите на учесниците. Во некои медиуми, кои речиси ги претставуваат неговите необезбедени тврдења како факти, се зборува за наводни симпатии на учесниците кон десни и крајнодесни партии.
Во турската државна телевизија ТРТ и на катарскиот „Ал Џазира“, кои, исто така, обемно известуваат за обновениот случај, акцентот е ставен на „обезличувањето“ и на брутализацијата на (западните) сторители во војна против (муслиманските) жртви, анализира текстот на ФАЗ, со експлицитна поврзаност со „геноцидот“ врз муслиманските Палестинци во Појасот Газа.
Секој однапред си создава слика за можните сторители во согласност со своите идеолошки убедувања, дури и ако „ловците на луѓе“ од Сараево можеби се само фантоми, заклучува ФАЗ.
Хрватски новинар тврди дека Александар Вучиќ бил вклучен во „снајперското сафари“ во Сараево


