Фото: Принтскрин - Ванчо Шехтански

Немал известување дека „Пулс“ работи, дискотека никогаш не постоела и прашање дали станува збор за терористички акт – одбрана на инспекторите од ДПИ

И пазарните инспектори кои се дел од обвинението за кочанската трагедија тврдат дека не се виновни, а обвинетиот Емил Митев кој прво бил советник инспектор, а потоа и раководител на Одделението за инспекциски надзор – Штип со градовите Кочани, Сврти Николе, Делчево, Берово и Виница тврдеше дека иако во 2021 година лично бил во кабарето „Пулс“ и заедно со колешка од Кочани виделе дека кабарето нема лиценца, сепак никогаш формално не добил известување дека објектот повторно работи, а кога се случила несреќата веќе му биле одземени овластувања за издавање на налог за контрола и немал никакви сознанија од февруари 2022 година.

Што правевте 13 години во Кочани ако имало јавашлак? – адвокатот Шилегов го прозва обвинителот, а родителите му порачаа: „Не си во парламент“

Одбраната на Миле Ампев и Блашка Ефтимова го нападнаа обвинителството зошто не постапувало, а тие биле последен пат во „Пулс“ во 2012 година.

– Од 4 октомври 2017 година сум именуван со овластување за раководител на одделението за инспекциски надзор Штип. Ми се става на товар дека не е редовно контролирано кабаре „Пулс“. На 24.1. 2018 година добив овластување за потпишување на инспекциски надзор и само три дена потоа на 27.01.2018 година е извршен надзор во кабаре „Пулс“. По мој налог истата година на 7.10.2018 година е извршен втор инспекциски надзор по мој налог, на 10.11 2019 е извршен трет надзор од страна на инспектор на ДПИ, а на 12.11.2021 година по добиени насоки од Скопје и по мој налог четврт инспекциски надзор каде лично бев и јас. Се уверив дека во кабаре „Пулс“ не се обавува угостителска дејност кога со колешката инспектор од Кочани пристигнавме пред објектот на 12.11.2021 година после 23 часот. Видовме дека објектот е заклучен и немаше луѓе околу него. На мое барање беше повикан управителот на „Пулс“ заради доставување на службена документација. Тој за кратко време дојде објектот. Објектот беше празен немаше гости и се упативме во канцеларија заради увид на канцеларијата и составување на записник. Предмет на контрола беа прописите за работа во услови за ковид и важноста на лиценцата. Во записникот што го состави од Кочани објектот има истечена лиценца тоа е фактичката состојба што ја констатираше инспекторот од Кочани. Целата постапка по тој предмет ја води инспекторот од Кочани кој е самостоен и оценува како службените дејствија да бидат согласно законите и процедурите. Надзорот бил извршен професионално согласно законските прописи без забелешки, закани и притисоци. Во текот на надзорот или претходно не сум имал лични деловни приватни односи со управителот на „Пулс“ и не сум бил во никаква комуникација со него пред немилиот настан. На 5.2.2022 беше извршен контролен инспекциски надзор од инспектор од Кочани со полиција и беше констатирано дека објектот не работи. По обезбедување на лиценца на 13.3.2023 година во посочениот објект почнува да врши угостителска дејност нов правен субјект „ММММ кафе Кочани“. Јас немам добиено никакво писмено известување дека таму се обавува угостителска дејност. Месечните планови ги изготвуваат самите инспектори и јас ги собирам и проследува збирно до централната на ДПИ Скопје – рече Митев.

Тој тврдеше дека во 2024 му било одземено овластувањето за потпишување на налози за инспекциски надзор и овластувањата му биле дадени на друг инспектор од Виница. Го прашал актуелниот директор на ДПИ кои се неговите овластувања, но на мејлот никогаш не добил одговор.

Плановите за контроли, како што рече се правеле во ДПИ, а одделението од Штип имало овластувања за голема територија, а работело само со десет инспектори.

Адвокатот на Ампев, Ванчо Шехтански праша постави неколку прашања, кои според него обвинителството не ги одговорило, од каде биле набавени прскалките, кој ги донел, кој ги држел вратите затворени, па дури и праша зошто не се испитувало дали станува збор за терористички акт.

Тој го нападна кочанското Обвинителство во Кочани дека требало да реагира по допрен глас и да поведе постапка во „Пулс“ затоа што се знаело дека таму се собираат голем број деца секој викенд 500, 600 млади.

И ден-денес се издаваат лиценци за објекти од канцеларија, вели обвинет за „Пулс“

Шехтански рече дека во случајот не станува збор ниту за дискотека или за кабаре, туку за клуб. За неговиот клиент Миле Ампов, рече дека во 2012 година вршел надзор во фирмата „Класик“ со подружница кабаре „Пулс“. Надзорот бил вршен во октомври 2012 и Ампов утврдил дека објектот не ги исполнува условите.

-Правното лице ‘Класик’, не е меѓу обвинетите правни лица. Каков парадокс е тоа. Правното лице ‘Класик’ со подружница ‘Пулс’ во 2024 година со одлука на кочанскиот суд е во стечај и не постои. На фирмата ‘Класик’ сопственици се Дејан Јованов и Блажо Маринковски. Миле Ампов има вршено инспекциски надзор како инспектор на ДПИ на 29 октомври 2012 година и констатира дека не ги исполнува условите. По ова Министерството за економија има донесено решение со кое констатира дека ‘Класик’ со подружница кабаре ‘Пулс’ не ги исполнува условите. И толку- рече адвокатот.

Според него, „Пулс“ како кабаре работело до 9 февруари 2024 година. Ова, рече Шехтански, го нема во обвинението. Потоа, како што кажа, локалот продолжил да работи без дозвола како клуб „Пулс“ на друга адреса, но во ист објект како и кабарето „Пулс“.

-Во обвинителниот акт фигурира ‘ММММ кафе’ регистрирано во 2020 година кое има подружница клуб ‘Пулс’. Никаде нема дискотека. Управител е Александар Таратаковски, починат во настанот. Тоа значи дека во објектот има два правни субјекта кои немаат никаква врска еден со друг. И тука е проблемот, клубот нема лиценца, но нема кого да обвинат оти управителот е починат – рече Шехтански.

Тој додаде дека неговиот клиент не можел да врши надзор во 2024 година затоа што од 2022 година бил во пензија. Според неговиот адвокат, кривичноправната постапка треба да се води од 9 февруари 2024 година до критичната ноќ 2025 година, и зошто тогаш не бил вршел надзор.

Адвокатот Зоран Вилчанов, бранител на поранешната инспекторка Блашка Ефтимова, во воведниот говор кажа дека останува нејасно зошто е обвинета неговата клиентка. Инаку, Ефтимова по извршена контрола во 2012 година констатирала дека „Пулс“ ги исполнува минималните услови за вршење на угостителската дејност.

Според адвокатот, делото за кое се товари Ефтимова е застарено и дека Обвинителството треба да ја прекине постапката. Во дополнение на воведниот говор, екс инспекторката рече дека контролата тогаш ја извршила професионално и утврдила дека тој ги исполнува условите за работа со капацитет за 170 гости.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот