Нема чаре за јамата во „Скопјанка“, надлежните го гледаат решението во генерален управител
Управителот со деловниот простор како решение за ситуацијата со која се соочуваат трговскиот центар, деловните простории и становите, предлага да се избере лиценциран генерален управител, преку кој ќе се централизира делувањето и решавањето на хаосот од измешаните надлежности и многубројните проблеми што се влечат со години.
Речиси пет месеци откако дуќанџиите и станарите при ТЦ „Скопјанка“ се пожалија поради ужасната миризба во дел од влезовите, продавниците на подземното ниво и низ трговскиот центар, ситуацијата денес не е ниту малку променета бидејќи и понатаму системот за празнење на јамата е ист – таа се полни со фекални материи и други течности и предмети, започнува да се прелива, а потоа еден од сопствениците на дуќаните на своја рака повикува цистерна и приватно го решава проблемот.
Препорачано
„Слободен печат“ неодамна пишуваше за овој сериозен проблем, а тогаш во разговор со дуќанџиите дознавме дека трговскиот центар функционира со септичка јама каде што се собираат фекалните материи и атмосферските води, а сопствениците тогаш сметаа дека пумпата е расипана и затоа се создава дефект.
Сепак, од управителот со деловниот простор АДДЕЛ ПРО, акционерско друштво за стопанисување со деловни објекти во државна сопственост, дознавме дека пумпите се расипани, и намерно не се заменуваат со нови бидејќи, како што посочи тој, секогаш кога ќе се пуштат, тие се расипуваат бидејќи станарите од зградите исфрлаат различни хартии, крпи и марамчиња, со што ги затнуваат перките.
ФОТО | Страшните подземни премини во Скопје „плачат“ за реновирање, Градот вели дека има план
Во однос на празнењето на септичката јама, управителот тогаш за „Слободен печат“ изјави дека тоа не може да го изврши ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, бидејќи на барањето за празнење на јамата, од претпријатието им одговориле дека немаат шофери што можат да управуваат со 19-те специјализирани цистерни, бидејќи сите се отидени во пензија.
Денес, ситуацијата е непроменета, јамата се полни, местото мириса ужасно, таваните од дуќаните пропуштаат вода, чуварската служба ја има, но ретко е достапна, а како што тврдат дуќанџиите, струјата повторно периодично се исклучува.
„Комунална хигиена“ сè уште нема шофери
„Слободен печат“ повторно го контактираше управителот и го прашавме зошто ситуацијата со септичката јама не мрднува од мртва точка и речиси половина година не може да се најде начин за нејзино трајно решавање. Оттаму ни одговорија дека проблемот не е решен бидејќи и покрај секојдневните предупредувања до станарите, цевките постојано се полнат со секакви пластики и текстилни производи што се заплеткувале во перките, па затоа и понатаму пумпите не се ставаат во функција, поради што јамата постојано се полни и прелева.
– Како што ви напоменавме и претходно, проблемот со неработењето на фекалните пумпи не се должи на фактот што тие се неисправни, туку се должи на фактот што при секое нивно вклучување тие се исфрлаат од употреба, поради тоа што станарите и понатаму продолжуваат, и покрај нашите секојдневни предупредувања, во тоалетните одводи да фрлаат пластични и текстилни производи што се заплеткуваат во перките на самите пумпи – изјавија од АДДЕЛ ПРО.
Во однос на помошта од јавните претпријатија за решавање на проблемот, од АДДЕЛ ПРО за „Слободен печат“ изјавија дека „Комунална хигиена – Скопје“ и понатаму нема шофери што би ги возеле цистерните, додека, пак, „Водовод и канализација“ не ги третирало фекалните води.
– Како што ви е познато, досега безброј пати се имаме обратено до ЈП „Водовод и канализација“ како и до ЈП „Комунална хигиена“, при што од ЈП „Водовод и канализација“ добивме одговор дека нивната дејност е третирање секаков вид вода, но не и на фекални води, додека, пак, од ЈП „Комунална хигиена“ бевме известени дека за 19-те цистерни што се специјализирани за исцрпување фекалии немаат ниту еден оператор бидејќи сите заминале во пензија, а ниту еден не е примен на нивно место – изјави управителот.
Станарите велат дека не се виновни за затнувањето
„Слободен печат“ отиде на терен и разговараше со некои од станарите, по што забележавме дека проблемот е комплексен бидејќи секоја од шесте згради си има посебен начин на уредување, некои се „фриленсери“, односно сами се договараат за одредени промени во зградата, некаде има управител, а некаде во функција на управител е куќниот совет.
Паркингот зад „Скопјанка“ распукан и оштетен, влезовите кон гаражите ѓубросани
Станарите ги демантираат тврдењата на управителот дека жителите на зградите ги затнуваат пумпите со исфрлање марамчиња, хартија и текстилни производи во цевките. Еден од нив вели дека становите се веќе приклучени на канализациската мрежа и нема логика материите од становите да одат до подземниот простор и да влегуваат во јамата, па потоа да бидат испумпувани до површината.
– Покрај тоа што подолг период веќе нема чуварска служба која беше укината, во средината на трговскиот има јама што се полни со фекалии и атмосферска вода. Знам дека управителот ја префрла вината на нас, станарите, но нашите станови се приклучени на друга мрежа што воопшто нема никаква врска со јамата. Таа протекува бидејќи е преполна, а во изминатава година еден од дуќаните што е најблиску до неа, на своја рака ја празни и најмува цистерни – вели станар што живее во една од зградите при „Скопјанка“.
Лиценциран управител за „мир во куќа“
Управителот со деловниот простор како решение за ситуацијата со која се соочуваат трговскиот центар, деловните простории и становите, предлага да се избере лиценциран генерален управител, преку кој ќе се централизира делувањето и решавањето на хаосот од измешаните надлежности и многубројните проблеми што се влечат со години, бидејќи, според АДДЕЛ ПРО, тоа е единствениот начин да се стави крај на сегашните проблеми, а воедно тие сметаат дека со присуство на лиценциран управител, ќе се спречат нови несакани моменти од овој тип.
– Со оглед на тоа дека основната дејност на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост Скопје е издавање деловен простор сопственост на Владата на Република Северна Македонија, упатуваме апел до сите станари, приватни дуќанџии, сопственици на гаражи и сите други корисници на државен имот што им е даден на трајно користење, како мнозински сопственици на станбено-деловниот комплекс, веднаш да започнат со процедурата за избор на лиценциран управител, каде што АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје, како друштво коешто стопанисува само со дел од деловните простории, би учествувал пропорционално во согласност со Законот за домување, бидејќи тоа е единствениот начин да се надминат сите сегашни и евентуално идни проблеми што би се појавиле – апелираат од АДДЕЛ ПРО.
ГАЛЕРИЈА | Ѓубросани гаражите под ТЦ „Скопјанка“, паркингот со дупки


