Трговски центар Скопјанка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дуќанџиите во ТЦ „Скопјанка“ незадоволни – нема хидранти, протекува таванот, смрди, а управителот не реагира

Од сите проблеми со кои се соочуваат, сопственичка на еден од дуќаните како еден од најударните го посочува проблемот со фекалната канализација, бидејќи септичката јама е во непосредна близина на нејзината продавница. Бидејќи никој не ја поправал пумпата, потстанарката морала на свој трошок да повика цистерна, која во два наврата ги чистела фекалиите

Веќе подолг период дуќанџиите што изнајмуваат деловен простор во трговскиот центар „Скопјанка“, маки мачат со управителот на целиот простор поради неговото редовно неисполнување на обврските и одржување на трговскиот центар, кој е делумно осветлен, не се чисти редовно, има проблем со фекалната канализација, како и со поплави.

Влага по таванот во „Скопјанка“ / Фото: Дуќанџии од ТЦ „Скопјанка“

ТЦ „Скопјанка“ е во сопственост на државата, а со него управува „АДДЕЛ ПРО“, односно Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор што е во државна сопственост. Ова акционерско друштво управува со поголем број простори во Скопје, Битола, Куманово и во другите градови низ Македонија, кои ги издава и наплаќа месечни кирии.

Во трговскиот центар порано имало многу дуќани и работилници, од кои денеска се останати само 20-ина кои се активни. Исто така, тука е сместена и Агенцијата за проектите „Еразмус плус“, како и авто школа, неколку маркети, казина и ресторани.

Поплава во една од продавниците во ТЦ „Скопјанка“ / Фото: Приватна архива

Еден од изнајмувачите на деловен простор, кој е сместен на подземниот кат, за „Слободен печат“ ги сподели многубројните проблеми со кои се соочува дуќанот со кој раководи, како и на останатите нејзини колеги продавачи на различни продукти, угостители и слично, а ставот на сите е идентичен – оставени се сами на себе да се „борат“ со сите проблеми, дефекти и протекувања бидејќи, како што велат, од управителите нема слух за нивните поплаки, а не па да има некоја реакција.

– Јас со години го користам просторот во „Скопјанка“, се менувале и властите, како и генералните директори, но последнава година и пол ситуацијата е полоша од кога било. Миризбата е ужасна, нема целосно осветлување на ниту еден од катовите, во гаражата пак е целосен мрак. Трговскиот центар има проблем со пумпата за фекален отпад, кој се собира во септичка јама, а со неговото наталожување можете да замислите каква е миризбата секој ден – вели една од закупувачите на деловниот простор.

Таа, од сите проблеми со кои се соочува како најударен го посочи проблемот со фекалната канализација, бидејќи септичката јама е во непосредна близина на нејзината продавница, а како што вели, смрдеата ги брка муштериите, а нејзиниот промет од месец во месец постојано оди во надолна линија.

Трговски центар Скопјанка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Земајќи предвид дека јамата е длабока пет метри, смрдеата била огромна и проблемот не се решавал од страна на управителот, од каде не се одзвале и не ја поправиле пумпата што не е во функција и не го спроведува фекалниот отпад, а е во нивна надлежност.

Сепак, покрај нивната пасивност и незаинтересираност, проблемот со фекалниот отпад и тоа како се проширувал, со што откако видела дека нема друг избор, таа на своја рака двапати едноподруго повикала цистерна за собирање на фекалиите од јамата, што ја чинело 16.300 денари од повик.

– Мораме на своја рака да ги поправаме дефектите низ трговскиот центар. Еден колега сам мораше да пополнува дупки на подот од трговскиот пред неговата продавница, нешто што не е во негова надлежност, но мора тој да го направи бидејќи очигледно тој што треба не го поправа. Јас испратив дописи до „АДДЕЛ ПРО“ неколкупати за проблемот со фекалната канализација и ужасната миризба, но оттаму одговор немаше, па морав сама да платам цистерна што во два наврата ја празнеше јамата, но повеќе од тоа не можев бидејќи е навистина скапо парите да ги давам од својот џеб – вели сопственичката на продавницата „Атлантик“.

Трговски центар Скопјанка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Исто така, таа како огромен проблем го посочи и недостигот на хидрантска мрежа, односно ниту еден од предвидените простори за хидранти нема црево во него, туку, како што вели таа, сите црева се собрани и однесени на едно место, така што доколку дојде до најлошото сценарио – пожар, тие би немале пристап до цревата за брза реакција и гаснење на огнот.

Но, тука не застануваат проблемите на дуќанџиите. Според нив, веќе подолго време трговскиот центар нема чуварска служба, која порано била достапна во секој миг од денот, а денеска „куќарката“ е празна и вообичаено таму нема никој.

– Низ трговскиот нема противпожарни апарати, ниту пак хидранти бидејќи сите црева се собрани и се однесени во просторот на чуварите, кои пак воопшто ги нема. Порано имаше чуварска служба 24 часа во денот, секој ден, а денес тоа е сведено на само еден човек – вели таа за „Слободен печат“.

Покрај сиве овие проблеми со кои се соочуваат изнајмувачите на деловните простори во ТЦ „Скопјанка“, на дел од нив им било соопштено дека ќе им се зголемат месечните давачки за просторот што го користат.

Поплава во една од продавниците во ТЦ „Скопјанка“ / Фото: Приватна архива

Тие неколкупати испраќале допис до „АДДЕР ПРО“ и се сретнувале со генералниот директор да разговараат за решавање на проблемите, но тој, како што вели една од кираџиите, неколкупати не знаел дали работите се во негова надлежност и му требало време да дознае, а кога ќе се информирал, одговорот бил секогаш ист – „Немаме буџет и средства да го средиме проблемот, снајдете се сами“, а потоа одговорот ескалирал и преминал во „Немам што да разговарам со вас, си имам свои вработени со кои комуницирам за работењето и за решавање на проблемите“.

– Тој нема слух за нашите проблеми, мислам дека дојде на функција од пред година и пол и оттогаш секогаш е исто – не ни помага и ни порачува сами да бараме чаре за проблемите. Честопати и не знаеше дали работите што му ги посочуваме се во негова надлежност како управител што наплаќа кирија за користење на просторот. Тие наплаќаат, а не го одржуваат трговскиот центар, секаде има влага и повеќе пати сме се поплавиле, а санацијата по тие поплави секогаш „удира“ само по нашиот џеб – објаснува еден од закупувачите на деловен простор.

Дуќанџиите се нервозни и разочарани од пристапот на управителот „АДДЕЛ ПРО“ бидејќи се оставени сами да се борат со сите проблеми и на свој трошок да ги трпат штетите што се предизвикуваат и поради елементарните појави како дождот, кога се поплавуваат нивните простории бидејќи таванот е полн со влага, појава што најчесто ја решаваат со поставување на кофи и пешкири за да ја собираат водата, глетка што и не е баш толку привлечна за купувачите.

Трговски центар Скопјанка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Зошто е ваква состојбата и „Слободен печат“ праша во Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор што е во државна сопственост, но досега оттаму нема одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот