Паркингот зад „Скопјанка“ распукан и оштетен, влезовите кон гаражите ѓубросани
Просторот е сам по себе комплексен и обемен, но вистинска „каша-попара“ е и правното сопствеништво, како и надлежностите на сопствениците, кои заедно ја имаат обврската за неговото одржување.
Трговскиот центар „Скопјанка“ во Аеродром освен тоа што има сериозен проблем со испумпувањето на фекалните води, осветлувањето, обезбедувањето и расправиите помеѓу дуќанџиите и државниот управител АДДЕЛ ПРО, сериозно оштетување има и на огромниот паркинг зад трговскиот центар, како и гаражите што се сместени под него.
Препорачано

Асфалтот распукан и со дупки
На овој паркинг, кој се протега на површина од неколку илјади метри квадратни и е еден од ретките што не се под зоната „Д“ на ЈП „Градски паркинг“, низ годините станало познато дека станарите од шесте згради во „Скопјанка“ се оние што имаат право да го користат ова паркиралиште, како и деловните објекти низ трговскиот.
Денес паркингот е „дом“ на повеќе од сто возила, а на неговата површина има и неколку места што се резервирани и за нивно користење ексклузивно право има само фирмата или државната институција што некогаш си ги заградила и со текот на времето тоа станало практика и не наишло на проблем кај станарите и другите корисници на просторот.

Долж целиот паркинг ситуацијата е слична – дупки, скршен асфалт и расцепен пат на повеќе делови, а од ден на ден местото сѐ повеќе преминува во пат со етно-стил и наскоро доколку не се преземе ништо, паркингот ќе се претвори во калдрма. Небезбеден е и крајот од паркингот што е од страната на еднонасочната улица, каде нема заштитни огради или банкини, но во отсуство на алтернативно решение за паркирање, жителите овој проблем го ставиле во втор план, земајќи предвид дека со години ситуацијата е непроменета.
Честопати може да се забележи дека непрописно паркираните автомобили на паркингот директно ги блокираат рампите и скалилата за влегување во трговскиот, а бидејќи паркингот е единствен за потрошувачите во супермаркетите и другите услужни објекти, просторот е речиси секогаш исполнет „до врв“ со возила и наоѓањето место е вистински предизвик, особено во вечерните часови.
Влезовите кон гаражите полни со ѓубре
Под него се сместени голем број гаражи што во најголем дел се приватна сопственост и до пред неколку години припаѓале само на жителите на „Скопјанка“, а сега со тие простори можат да владеат и другите граѓани. Помал број од гаражите се државни и припаѓаат на агенциите, на управителот со деловниот простор и останатите институции што се сместени во просторот на трговскиот центар.

Сепак, колку е лоша состојбата, може да се забележи уште од влезовите во подземните гаражи, а нив ги има повеќе. Едниот тип влез е преку рампата за возила и тој дел е релативно чист и прооден, но низ паркингот има и неколку влезови каде преку скали луѓето се спуштаат кон подземниот простор.
Скалите се уништени, постојано се уринира и се претворени во јавни тоалети, течноста протекува и мириса, а огромната количина отпад што се исфрла на тие места уште повеќе им „помага“ на влезовите кон подземните гаражи да бидат понеатрактивни, грди за око, а некаде и недостапни поради количината на отпад која што е распослана по нив.
Сопствениците сами треба да си го решат проблемот
Просторот е сам по себе комплексен и обемен, но вистинска „каша-попара“ е и правното сопствеништво, како и надлежностите на сопствениците што заедно ја имаат обврската за неговото одржување.

Од управителот на деловниот простор на „Скопјанка“ на прашањето дали се одговорни за паркингот и неговото одржување одговорија дека никогаш немале сопственост на просторот ниту стопанисуваат со него, да воведуваат ценовници и да резервираат паркинг места.
– А.Д. за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје, никогаш ниту бил сопственик на предметниот паркинг, ниту пак стопанисувал со него, што значи дека ниту може да се грижи за него, ниту да одредува кој колку паркинг места ќе има, ниту пак да наплатува за услугата – велат од АДДЕЛ ПРО за „Слободен печат“.
Надлежност за овој простор нема ниту Општина Аеродром.
– Паркинг-просторот кај ТЦ „Скопјанка“ не е во надлежност на Општина Аеродром, туку станува збор за простор што е во сопственост на сопствениците на посебни делови (деловни простори и станови), а според важечки ДУП, донесен во 2017 година, тој е во рамки на урбанистичката парцела заедно со ТЦ „Скопјанка“. Според наведеното, одржувањето и уредувањето на паркингот е во надлежност на сопствениците – ни одговорија од Општина Аеродром.

Со самиот факт дека Општината не стопанисува со просторот што е поделен на десетици сопственици, сличен беше и одговорот на нашите прашања како се регулира паркирањето, дали ќе се воведува паркинг-зона и дали ќе се уредува во иднина од страна на локалната самоуправа – не.
– Во однос на прашањето за резервирани паркинг-места, тоа не е под надлежност на општина Аеродром и не би можеле да ви дадеме одговор. Во однос на прашањата поврзани со состојбата на паркингот, евентуално реновирање, воведување зонско паркирање, како и користењето и надоместоците, ве информираме дека општина Аеродром нема директна надлежност – објаснија од Општината.
Паркингот не е паркинг
„Слободен печат“ разговараше со еден од станарите, кој воедно поседува и подземна гаража, а тој ни ги објасни проблемите со кои се соочува заедно со другите луѓе што имаат гаражи, особено за скалите за влез во подземниот простор, истекувањето на фекалии и влагата на таванот која се создава од водата што прокапува од расцепениот асфалт.
– Гаражите во поголем дел се приватни, а неколку се во сопственост на ПУИГ и се државни, но иако секој сопственик поединечно се грижи за својот простор, средишниот дел од каде поминуваат водите не е наша сопственост, а тој е ужасен. Скалите за влез во гаражите се претворени во јавни тоалети, има премногу ѓубре и не се исчистени, а ние не сме сопственици на тој простор – вели Ивица, станар во „Скопјанка“.

Тој соопшти и дека кога ги разгледувал имотните листови, открил дека паркингот зад „Скопјанка“ фактички не е паркинг, туку покрив за гаражите кој бил наменет за пешаците, а со текот на времето преминал во паркиралиште за станарите и деловните сопственици, па затоа и целиот е распукан, бидејќи, како што вели тој, просторот не бил предвиден за возила.

Затоа тој има опција да го покрие своето делче од, очигледно импровизираниот паркинг бидејќи во Катастар местото е поделено на голем број сопственици, но никаде не е заведено дека е гаража или паркинг, туку просторот е заведен како дворно земјиште и подземно земјиште, каде што се гаражите.
– Паркингот не е паркинг, туку покрив за гаражите, па затоа и не може да се одреди кој стопанисува со него. Патот е распукан, а оттаму водата прокапува и го уништува таванот, секаде има влага по гаражите. Јас имам опција со лимови или друг материјал да го покријам мојот дел од паркингот кој е сместен директно над гаражата, бидејќи јас сум сопственик – вели станарот за „Слободен печат“.
Очигледно, нема управител, станар или институција што имаат директна надлежност за овој огромен простор поради големиот број сопственици и простор кој е управуван од друштвото за стопанисување на „Скопјанка“, така што единствениот начин како би се надминал овој проблем е здружување сите сопственици, кое според говорниците претставува најголем предизвик бидејќи, како што велат, немаат сите слух и иницијатива за решавање на проблемот преку нивна координирана акција за ревитализација на просторот и негово уредување.


