ФОТО | Страшните подземни премини во Скопје „плачат“ за реновирање, Градот вели дека има план
Во „најдобра“ состојба е преминот кај „Скопјанка“, каде што можат да се забележат повеќе затворени отколку отворени дуќани и продавници, но сепак просторот е делумно осветлен и минимално раздвижен со минувачи
Иако во Скопје денес постојат три подземи премини за пешаци, од кои два се сместени во населбата Автокоманда, а третиот е веднаш до запустениот и валкан трговски центар „Скопјанка“ во Аеродром, овие локации, кои можат да се набројат на прстите од една рака, немаат „среќа“ да бидат допрени од „рацете“ на Градот Скопје повеќе од една деценија.
Препорачано

Уште пред една година „Слободен печат“ пишуваше за овој проблем и повика на реакција од Општина Гази Баба и тогашниот состав на Градот предводен од Данела Арсовска, но оттаму немавме можност да добиеме ниту одговор ниту реакција и реновирање на овие премини.
Премините се направени пред речиси половина век и, теоретски, нивната улога за олеснување на движењето на средношколците, на студентите и на другите пешаци е несомнено важна.
Пешаците ги одбегнуваат, вандалите ги обожуваат
Сепак, во практика, премините сместени под булеварите „Александар Македонски“ во Автокоманда и „Кузман Јосифовски Питу“ во Аеродром со години се оставени валкани, разурнати, а навечер дури и морбидни за минувачите поради немањето осветлување во вечерните часови, но и преку ден, бидејќи овие локации се мрачни и тотално неосветлени.

Пешаците што „Слободен печат“ тогаш ги затекна обиколувајќи ги премините во Автокоманда велат дека веќе подолго време ги одбегнуваат овие премини, ги заобиколуваат, излегуваат порано за на училиште или за на работа и се движат преку други алтернативни и подолги траси.
Можевме да забележиме дека некои од нив ризикуваат и претрчуваат преку фреквентниот булевар од каде што се влегува во Скопје со цел да го одбегнат неубавото чувство што го имаат минувајќи низ, како што велат, подземните депонии.
Во најлоша состојба дефинитивно се наоѓа подземната пешачка патека близу средното училиште „Боро Петрушевски“(АСУЦ) и Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ (СЕТУ), чии ученици имаат можеби најголема потреба од реновирање и осветлување на овие црни дупки.

Преминот кај АСУЦ е најстрашен
Состојбата во која го затекнавме преминот беше далеку од пристојна. Насекаде можат да се забележат графити, искинати кабли за електрична енергија низ кои веројатно уште има струја, искршени плочки и тотално оштетени скалила, исчкртани ѕидови и уништени тавани.
Ужасната миризба, пак, според случајните минувачи, е предизвикана и е толку силна и нападна од константното уринирање на несовесните граѓани, а некои од минувачите додадоа дека неколкупати низ преминот забележале и искористени шприцови и игли, предмети што, според нив, не треба да бидат во видикот на ниту еден човек, а најмалку на малолетни средношколци.

Смрди подземната патека спроти „Ист гејт“
Вториот премин, лоциран точно пред бараките на Општина Гази Баба, веднаш наспроти хотел „Континентал“ и трговскиот центар „Ист гејт“, е во релативно подобра состојба од оној кај АСУЦ. Овде минувачите можат да забележат пекарница што постојано работи, но и неколку отворени фотокопирници, најчесто користени од студентите на Природно-математичкиот факултет(ПМФ) и Хемискиот факултет, кои се отворени до попладневните часови од денот.
Студентка на ПМФ можеби најописно ни го сподели нејзиниот, но и ставот на сите студенти на овој факултет. Таа објасни дека иако секојдневно поминува оттаму, тоа го прави единствено поради фотокопирницата, која е единствениот простор што функционира.

Според неа, главен проблем претставува отсуството на дневна светлина и осветлување во ноќните часови кога преминот е целосно замрачен.
– Го користиме преминот, најчесто бидејќи таму ни се најблиските фотокопирници каде ги копираме учебниците што ни се потребни за испит, но и за различни канцелариски материјали. Оттука обично избегнуваме да поминуваме по попладневните предавања, бидејќи навечер не е осветлено и на моменти е страшно за девојче само да оди низ темниот премин. Сепак, само оттука можам да дојдам до автобуската постојка од каде што се качувам во автобус за да одам дома, немаме од каде на друг начин да стигнеме до неа освен одовде – изјави студентката за „Слободен печат“.
Единствена промена од лани до денес има еден од премините, а тоа е уште еден нов искршен дуќан, кој не е во функција и поради тоа што бил оставен без „стопан“, па несовесни граѓани го искористиле тој момент како можност за брза адреналинска инјекција која го распука влезното стакло од дуќанот.

Преминот кај „Скопјанка“ е најраздвижен
Во „најдобра“ состојба е преминот кај „Скопјанка“, каде што можат да се забележат повеќе затворени отколку отворени дуќани и продавници, но сепак просторот е делумно осветлен и минимално раздвижен со минувачи.

Евидентен е сторениот вандализам на двата влеза на преминот, каде што има чкртаници и графити, додека, пак, пластичната настрешница наменета за заштита од дожд е искршена и со дупки.
Градот има план, но кога ќе се реализира
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски неодамна информираше дека токму надвозникот над преминот кај АСУЦ добил осветлување за, како што вели градоначалникот, подобра видливост и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Учесници во сообраќајот се и пешаците, кои немаат никакви услови за сигурно минување на булеварите бидејќи премините се морбидни и смрдливи, со искршени скалила и без осветлување.
Очигледно е дека надлежните изминатава година воопшто не „мрднале прст“ за овој проблем, па затоа „Слободен печат“ повторно испрати прашања, но сега до новиот состав на Град Скопје, дали имаат план за реновирање и осветлување на овие премини, а оттаму ни одговорија дека тие „внимателно ја следат состојбата со премините“ и информираа дека овој проблем ќе се решава системски, што и да значи тоа.
– Град Скопје континуирано и внимателно ја следи состојбата на подземните премини на територијата на градот и системски пристапува кон нивно уредување и одржување. Преку конкретни мерки и планирани активности, нашата цел е трајно подобрување на безбедноста и квалитетот на секојдневието на граѓаните – велат од Градот за „Слободен печат“.
Оттаму не одговорија прецизно за какви „конкретни“ мерки се работи и кога ќе почне реновирањето на трите подземни премини, но рекоа дека планот е подготвен и ќе се реализира во блиска иднина, а тој ќе опфати редовно чистење на отпадот и ново осветлување.
Премините ќе се чистат и ќе се осветлат, а ќе има и инспекции
Во рамките на редовното одржување на јавната чистота, планирано е континуирано да се уредуваат и да се осветлуваат подземните премини низ градот. Активностите што ги планира Град Скопје во блиска иднина опфаќаат редовно чистење и отстранување на отпадот, унапредување на осветлувањето, како и подигање на, како што велат, општото ниво на безбедност за сите корисници на овие јавни простори.

Во однос на вандализмот и уништувањето на скалилата, ѕидовите и дуќаните, од Градот соопштија дека ќе се воведат засилени инспекциски контроли и упати апел до граѓаните да се однесуваат одговорно и да се грижат за јавниот простор.
– Дополнително, Град Скопје продолжува со засилени инспекциски контроли, со цел спречување понатамошни оштетувања и несовесно однесување кон подземните премини. Воедно, упатуваме апел до граѓаните за поголема грижа и одговорно однесување кон јавниот простор, кој е заедничко добро и одговорност на сите нас – информираат од Град Скопје.
Планот постои, останува да видиме дали во блиска иднина трите подземни премини во Автокоманда и во Аеродром ќе „блеснат“ како што доликува за главниот град и повторно ќе ја добијат нивната основна функција за сигурен и осветлен премин на пешаци.

Со тоа, полека ќе се активираат и ќе проработат продавниците што се запустени и вандализирани, а студентите и учениците веќе нема да мораат да претрчуваат преку булеварите за да стигнат до училиште или до најблиската пекарница.


