Нема инсулин, на дијабетичарите од тетовско од ден на ден им се влошува здравјето

Над 4000 пациенти од тетовско кои се на инсулинска терапија, месецов мака мачат. Пред две недели во инсулинската аптека при Клиничката болница Тетово пристигнале само неколку пакетчиња со инсулин, но тие за неколку часа се потрошиле, оттогаш до денес аптеката ја нема потребната терапија за дијабетичарите, велат од Здружението на дијабетичари Тетово.

Ставени сме во голем ризик, здравјето од ден на ден ни се влошува, не паметиме ваква кризна година за инсулин, велат од здружението.

Секој чува по едно пенкало или две, оти знаеме дека се доцни со терапијата, но сега веќе и тие се потрошени, додаваат оттаму.

„Овој месец немаме ни 10 % од потребната терапија, на 10 февруари дојдоа неколку кутии со пенкала, за неколку дена тоа се потроши, немамо ни ленти ни ништо. Треба да се потпише нов анекс-договор и да ни се набави потребниот лек. Денеска сме 21 и се уште не можеме да ја добиеме редовната терапија од инсулинската аптека. На секои две години има тендери, но тие постојано доцнат и затоа имаме проблеми со редовната терапија. Овој месец јас немам ништо добиено, неколку пати сум бил во аптека од каде ми велат нема инсулин и дури немаме најава дека ќе добиеме. Не може вака да опстанеме.Пак се враќаме на стариот начин на решавање на овој проблем, се позајмуваме кој има некое пенкало во залиха му дава на некој друг пациент како позајмица, но и залихите сега веќе ни се потрошени. Не е тоа работа, треба да земаме редовна терапија“, изјава Душко Игневски претседател на Здружение на дијабетичари Тетово.

Од Министерството за здравство пак велат дека недостасува само еден тип инсулин. Како што посочија оттаму веќе е распишан јавниот повик за обезбедување нови количини инсулинска терапија.

„Станува збор за само еден тип инсулин (од вкупно 26) од кој неодамна се потрошени количините, но за истиот инсулин има аналог на таа генерика, така што пациентите на инсулинска терапија се соодветно покриени со аналогот. Сите други типови инсулин се на располагање во доволни количини во инсулинските аптеки, соопштија од Министерство за здравство.

Фото: Слободен печат

Игневски вели дека информација од Министерството не е точна. Во Здружението на дијабетичари Тетово, секој ден пристигаат поплаки. За работи за голем број пациенти кои си имаат мака и нивното здравје секојднево се нарушува.

„Ни се накачува нивото на шеќерот кој што притиска на бубрезите, очите, на крвните садови, тешко е значи, мора редовна терапија да имаме“, изјава Душко Игневски претседател на Здружение на дијабетичари Тетово.

Потребниот лек недостаува и во други градови во земјава, каде има над 44.000 пациенти кои се на инсулинска терапија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот