Нема да се градат бегалски кампови во Македонија, уверува Милошоски
Договорот за стратешко партнерство со Британија не предвидува и изградба на бегалски кампови во Македонија, денеска на прес-конференција уверуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Препорачано
Тој вели дека Договорот е еден од подобрите и посериозните документи кој земјава го постигнала со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, но не и бегалски кампови.
„Предвидени се одредени средства со кои во Македонија ќе се гради инфраструктура. Точно, ќе се градат железници, автопати, ќе се градат здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но, за жал на опозицијата која се обидува да спинува, нема да се градат какви било бегалски кампови. Британија откако излезе од Европската Унија, со сите земји од Западен Балкан, но и со самата ЕУ случува вакви договори, каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс, таму каде што Македонија и земјите-членки и земјите-кандидати на ЕУ, имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите, тоа го прави Британија со овој дополнителен механизам, кој што е комплементарен со Фронтекс“, тврди пратеникот на владејачката партија.
Според него, нема подобар демант за, како што рече, ваквите спинови на некои опозициони партнери, од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор, потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, во економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија
Деновите, британските медиуми објавија дека Британија преговара да депортира одбиени азиланти во Северна Македонија. Според објавите, двете држави од есенва биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.
Во твитот на британската амбасада не се споменуваат објавите на медиумите и не се даваат конкретни коментари на нивните детални наоди за тоа каков договор се подготвува меѓу британската и македонската влада за префрлање мигранти.
„Нема да има бегалски кампови во Македонија. Стратешкиот договор со Велика Британија не предвидува вакви кампови и таа тема е затворена“, рече премиерот Христијан Мицкоски пред неколку месеци.
Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија
СДСМ: Мицкоски за пари ја претвора државата во мигрантски камп


