Нелегалните ботокси и филери биле аплицирани врз пациентки во Македонија — во моментов се приведуваат нови осомничени
Обвинителството за гонење организиран криминал информира дека сè уште трае координираната акција која започна синоќа, за дистрибуција на медицински средства користени при естетски зафати. Претресите уште траат и се спроведуваат на повеќе локации низ државата. Неофицијално, се работи за увезени ботокси и филери од Турција, Србија и Кина, коишто немале одобрение од надлежен орган, немале упатство и немале налепници.
Препорачано
Случајот е изненадување за македонската јавност, затоа што изминатите години стручните здруженија за дерматологија и за пластична хирургија алармираа дека треба да се сузбијат фризерките и приучените што со курс од една недела боцкаат низ станови и во козметички студија а чии реклами го преплавија „Инстаграм“. Наместо тоа, се случи доктори да „паднат“ поради сомнеж дека аплицирале нерегистрирани материјали.
Акцијата не го решава големиот проблем на „сива“ естетика – немедицински лица купуваат ботокс и филер и го аплицираат за пониска цена на жени. Ако при ваква интервенција се запуши крвен сад со хијалуронски филер, може да настапи слепило. Здруженијата за естетска медицина пред 2 години на прес-конференција набројаа неколку од компликациите што ги санирале на државните клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“ – распаднат задник од премногу филери, некроза на носот, паднати очни капаци.
Поевтината цена на ботокс и филер во салоните за убавина, ги мамат клиентките да одат таму наместо кај специјалист по дерматологија или пластична хирургија. Дури и има случаи каде во салон за убавина на девојка половина од филерот ѝ го аплицирала козметичарката, а другата половина ѝ го дала „за дома“ самата да го боцне – што довело до компликации.
Филери и ботокси се продаваат на кинески сајтови за продажба на големо за багателни цени, со вклучени игли. Во Македонија се аплицираат на диво во станови и фризерски салони.
Од државниот здравствен и санитарен инспекторат на прашањето на „Слободен печат“ дали добиле пријави од пациентки дека третмани со ботокси и филери им наштетиле, добивме негативен одговор, односно дека во овој инспекторат надлежен за здравствена контрола, ниедна пациентка не се пожалила.
„До овој момент се обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот, акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица“, велат од ОЈО ГОКК.
Синоќа во акцијата беа уапсени над 10 луѓе, дел од нив вработени како доктори на скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации и организатори на транспорт и продажба на илегално внесените ботокси и филери со статус на медицински лек и медицинско помагало. Неофицијално, меѓу приведените има доктори од ГОБ „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија при Клинички центар „Мајка Тереза“.
Акцијата е за сузбивање на организирана криминална група вмешана во извршување на кривични дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост“ и „неовластена употреба на туѓа фирма“, како и „примање поткуп“ и „помагање“.
При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество медицински лекови и медицински помагала, едно луксузно возило, парични средства, парфеми, телефонски апарати и друго.
Пред девет месеци, на 7 август 2025 година, Царинската управа на граничниот премин „Деве Баир“ заплени 210 вијали со ботокс од брендовите Dysport и Masport 500, во патна торба на патник што пристигнал од Истанбул. Супстанцијата е под строг режим на увоз и беше запленета.

Летото 2023 година Царинската управа на граничниот премин Деве Баир спречи обид за криумчарење на 300 парчиња филери REVOLAX, во вредност од 9.000 евра, главно наменети за естетика на усни.
-Лицето, инаку косовски државјанин со иницијали А.Г., се обидело да влезе во државата без да ја пријави стоката. На прашањето од царинскиот службеник дали има нешто да пријави истиот одговорил дека нема што да пријави освен личен багаж. При рутинската контрола извршена од страна на царинските службеници во патничкиот куфер и позади задните седишта беа откриени 300 парчиња филери за лице, во најголем дел за усни, чија вредност согласно фактурата која е пронајдена во возилото изнесува 9.000 евра, објави тогашЦарина.

Здруженијата за естетска медицина во Македонија повеќе од 1 година бараат Законот за јавно здравје да се смени, затоа што во него, ботоксот е сместен во истиот кош со пирсингот и со трајната шминка, иако со ботоксот се продира во длабоките слоеви на кожата со медицински средства што бараат стручна лекарска подготвеност, односно истите смее да ги извршува само доктор дерматолог или пластичен хирург во здравствени установи, а не козметичари во простории и салони за убавина.
Ботоксот претставува медицински лек и носи огромни ризици по здравјето на луѓето со оглед на својата токсична природа и нестручна употреба доведува до трајни последици и деформитети со трајно нагрдување на пациентот.


