
Распаднат задник од премногу филери, некроза на носот, паднати очни капаци се само некои од последиците зашто козметичарки а не доктори аплицираат ботокс и филер во Македонија
Бројни и сериозни компликации од неправилна, прекумерна и нестручна апликација на ботокс и филер забележуваат лекарите во земјава и затоа бараат само медицински лица специјалисти да смее да ги аплицираат овие медицински средства, а не тоа да го прават козметичарки и фризерки кои се подучиле на интернет и кои наголемо се рекламираат на социјалните мрежи. Поевтината цена на ботокс и филер во салоните за убавина, ги мамат клиентките да одат таму наместо кај специјалист по дерматологија или пластична хирургија. Дури и има случаи каде во салон за убавина на девојка половина од филерот ѝ го аплицирала козметичарката, а другата половина ѝ го дала „за дома“ самата да го боцне – што довело до компликации.
Препорачано
Здружението за естетска медицина Скопје, Здружението на дерматовенеролози и Асоцијацијата МАПРЕХ Скопје, бараат пратениците во Собранието и Министерството за здравство да се позанимаваат со тоа што Законот за јавно здравје во членот 33 и членот 35 е традиционално злоупотребуван од страна на нестручен, немедицински персонал во несоодветни услови каде има опасност од ширење на заразни болести – па да го променат законот.
Законот за јавно здравје го сместил ботоксот во истиот кош со пирсингот и трајната шминка, иако со ботоксот се продира во длабоките слоеви на кожата со медицински средства што бараат стручна лекарска подготвеност, односно истите смее да ги извршува само доктор дерматолог или пластичен хирург во здравствени установи, а не козметичари во простории и салони за убавина.
Конкретно за употребата и користењето на ботоксот кој за жал е наведен меѓу трајната шминка, пирсингот и слично, тој претставува медицински лек и носи огромни ризици по здравјето на луѓето со оглед на својата токсична природа и нестручна употреба доведува до трајни последици и деформитети со трајно нагрдување на пациентот. Ние како доктори специјалисти секојденвно се сретнуваме со безброј компликации предизвикани кај пациентите од страна на козметичарите преку нестручно вршење на тие активности со кои се продира во кожата, извршени при нестерилни услови во салони, со нестерилни инструменти и крајно со непознат извор на набавка на сите тие медицински средства со непознато потекло. Едноставно, невозможно е да постои мешање на медицинската наука со трајната шминка, пирсинг или тетовирање, сметаат здруженијата. Барања за средба доставиле до претседателката на комисијата за здравство во собранието, пратеничката Рашела Мизрахи и до министерот за здравство Арбен Таравари.
Погрешната примена на Законот за јавно здравје според нив им дава отворена врата на козметички и фризерски салони да извршуваат работи за кои е потребна медицинска специјалност.
Овие нестручни лица, водејќи се од лукративни побуди за брза заработувачка, секојдневно носат ризици по здравјето на луѓето со сериозни компликации од нивната нестручност при изведување на медицински процедури како и можноста да се шират заразни болести при нестерилни услови поради контакт со крв – ХИВ, хепатит како и бактериски инфекции од кои произлегуваат целулити и други длабоки инфекции на кожата, додаваат од Асоцијацијата МАПРЕХ, Здружението за естетска медицина ЗЕМ Скопје и од Здружението на дерматовенеролози на Македонија.

Дополнително, кога филерите и ботоксот се ставаат по салони, наместо во болници и ординации, не може ни да се знае од каде се набавени и дали се фалсификувани или шверцувани во државата. Македонската Царинска управа заплени 300 парчиња филери за лице вредни 9 илјади евра на граничниот премин Деве Баир во август 2023 година од брендот „Револакс“ кои не беа пријавени од страна на косовски државјанин.
Иницијативата за промена на Законот за јавно здравје во доменот на естетската медицина е иницирана од се почестата злоупотреба на медицинските помагала – хијалуронски филери и невротоксини од страна на немедицински лица и се поголемиот број компликации. Законот во еден дел не дефинира кој точно може да ги аплицира, а во друг дел се кажува дека може да го вршат само три специјалности. Постојат повеќе начини тоа да се регулира и како фела сме отворени за соработка, да најдеме начин да се одредат точно и лицата и нивните квалификации и условите бидејќи не секој доктор е квалификуван да работи во полето на естетската медицина, изјави доктор Игор Пеев пластичен хирург.

Доктор Анџелка Илиева, специјалист по дерматовенерологија вели дека последиците кај пациентите третирани нестручно се навистина сериозни.
-Започнувајќи од ткивни инфекции, компликации на кожата кои може да доведат до сепса, запушување на крвните садови поради кои може да дојде до изумирање на дел од ткивото со трајни последици и нагрдување, системска реакција, така што последиците се сериозни и дел од нив се неповратни како слепило што може да биде последица на запушување на крвен сад со хијалуронски филер, вели доктор Илиева.