Негувателите ќе добијат обука од државата, работа сами треба да најдат

Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Државата ќе им даде обука на идните негуватели за да може да се грижат за хронично болни и за луѓе со попреченост, но тие потоа сами мора да најдат работа во некоја институција што нуди таква грижа, или, пак, може да формираат своја фирма со поддршка на државата, а може и да бидат вработени и кај некоја од новоформираните фирми, која веќе била поддржана преку Оперативниот план за мерки за вработувања за 2021 година.

Ова за „Слободен печат“ го појаснија од Агенцијата за вработување од каде што претходно, презентирајќи ги мерките за вработување за годинава, рекоа дека невработените може да посетуваат обуки што ќе траат 3 месеци, за што ќе добиваат месечен надоместок во износ од 9.000 денари, а 150 невработени што успешно ќе ја завршат обуката, во наредните 10 месеци ќе обезбедуваат грижа за лицата со попреченост и за лицата со хронични болести и за тоа ќе добиваат месечен надомест од 30.780 денари.

Но, овие пари, како што велат од Агенцијата, треба да ги исплати работодавачот, кој добива готов кадар од државата. Притоа, износот од 30.780 денари е бруто-износ со даноци и придонеси, а нето-платата што ќе ја добијат негувателите е 20.789 денари.

– Наведениот износ од 30.780 денари е бруто плата која треба да се исплати од страна на работодавачот. Со реализирањето на вработувањето согласно законот за исплата на плати и придонеси, работодавачот при исплата на платата преку системот на УЈП е обврзан да ги плати и придонесите за здравствено и пензиско осигурување за вработеното лице – велат од Агенцијата за вработување.

На нашето прашање, што по истекот на 10-те месеци – која е идејата за нивното понатамошно вработување, од Агенцијата за вработување велат дека идејата е со менторство да се креираат сопствени вештини за полесно да се снајдат овие граѓани на пазарот на труд, како и формирање што повеќе лиценцирани даватели на услуги.

– За време на имплементацијата на мерките, заинтересираните работодавачи и оние невработени лица што ќе бидат вклучени во мерките ќе добијат дополнителна менторска поддршка за да се стекнат со вештини и знаења како подобро да ги развијат услугите и воедно да го развијат подобро бизнисот и да станат самоодржливи на пазарот. Всушност, тоа е и идејата на активностите предвидени со делот на Оперативниот план – „економија на грижа“ – раздвижување и регулирање на тој дел од (не)формалниот пазар на труд, каде што секое обучено невработено лице ќе има повеќе реални можности за остварување приход, а воедно и создавање поголем број на лиценцирани даватели на услуги (правни субјекти), кои во иднина ќе можат преку системот на социјална заштита самостојно да ги нудат услугите кон крајните корисници или доколку се створат услови, да ги нудат преку центрите за социјална работа – велат во Агенцијата за вработување.

Од Министерството за труд и социјална политика, пак, како што веќе пишувавме, за „Слободен печат“ појаснија дека „Законот за работните односи дава можност семејствата каде што работат негувателки на деца, стари или болни лица, со овие лица да склучат договор за вработување за вршење работи на куќни помошници“.

– Бидејќи правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, почнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување, работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава (електронски образец М1/М2 испечатен од системот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија) за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност) – прецизираа од Министерството.

Од она што, пак, можевме да го дознаеме од домовите за стари лица, таму многу често има конкурси за работа. Нето-платите всушност и се движат околу износот што го наведува Агенцијата за вработување и тој е прифатлив за работодавачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот