Неделков од СОНК: Очекуваме синдикатите да бидат третирани како рамноправни партнери
Убедени сме дека социјалниот дијалог е најдоброто оружје, би рекол инструмент, преку кој работниците ги остваруваат своите права. Очекуваме синдикатите да бидат третирани како рамноправни партнери со другата страна, која ги претставува работодавачите. Очекуваме дискусија со заклучоци кои ќе одат во насока на унапредување на правата на работниците, а ќе отвориме расправа и по одредени закони кои се или двосмислени или не се почитуваат во пракса. Ова го изјави претседадателот на СОНК Јаким Неделков на конференцијата „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.
Препорачано
-Како синдикат оваа година донесовме одлука овој важен празник за работниците да го одбележиме со научна конференција, каде што на највисоко ниво ќе разговараме за трудовите закони кои се однесуваат на работниците, како и за колективните договори, нивната примена во практика и предизвиците кои претстојат во однос на колективните договори. Станува збор за конференција на високо ниво, на која ќе учествуваат во панел-дискусии и расправа највисоки функционери од ресорните министерства, односно од државните органи. Понатаму, имаме претставници од локалната самоуправа, кои исто така се социјални партнери на локално ниво. Имаме судии, адвокати, трудови инспектори, советници од министерствата…, кои ќе дадат придонес со својата професионалност и ќе бидат вклучени во јавната расправа- рече Неделков.
На новинарско прашање дали ќе се приклучат на Првомајскиот протест в петок во организација на ССМ, тој рече дека протестот го организира друга федерација, односно друг синдикат, и оти не се дел од тоа.
-Ние го одбравме патот на социјален дијалог и преговори – резултатите ги постигнуваме на маса. Тие го одбрале тој пат, да одат на улица, тоа е нивна стратегија, рече тој.
Во однос на тоа каде се прекршуваат правата на работниците, рече дека генерално, имаме закони кои ги опфаќаат сите работнички права.
-Тие закони се доуредени со колективни договори, каде што е допрецизирано што им следува на работниците. Генерално она што на синдикатот, потписникот на колективниот договор му пречи, тоа е пристапот кон толкување на колективниот договор, односно не се почитуваат одредбите ниту од Законот за работни односи којшто кажува гранските колективни договори за кого се применливи односно за кого важат, а најмаку пак од директорите кои треба како први работодавачи да ги имплементираат тие колективни договори. Тие не ги почитуваат и одредбите од колективните договори и ги применуваат за сите вработени што законот за работни односи и науката тоа не го кажува. Тоа ни е еден од најгорливите проблеми каде што оние кои не се членови, односно воопшто не го финансираат синдикатот за да преговараат со ресорните министри итн, бесплатно ги уживаат правата кои се обезбедени од оние што плаќаат членарина. Практично, испаѓа како во самопослуга – едни плаќаат, а други користат бесплатно. Или ако ги прашате дали се дискриминирани во однос на членовите, велат дека не, туку обратно – членовите кои плаќаат, ја финансираат организацијата за да ги штити нивните интереси, тие за таа услуга нормално плаќаат на синдикатот, а оние што не плаќаат ниту денар ги користат истите привилегии, што апсолутно не е исправно, рече Неделков.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески во изјава за медиуми оцени дека во овој период, откако е воспоставено Министерството, има голем напредок околу склучувањето на колективните договори, посебно во јавниот сектор.
-Меѓутоа, и понатаму работиме на подобрување на работничките права. Ние како Влада ќе негуваме голема транспарентност, како што тоа го правиме преку Економско-социјалниот совет и социјалниот дијалог. Меѓутоа, исто така, ќе се залагаме да има рамноправност на сите учесници и слобода во демократското изразување, посебно на синдикалните движења и работодавачите. Сè она што се постигнува преку дијалог значи и подобри законски решенија и подобри колективни договори со кои се штитат работничките права, рече тој.
Според него, целта на Министерството за економија е да се започне процесот околу донесувањето на клучниот закон во работничките права, а тоа е Законот за работни односи, кој веќе осум години се работи, а сè уште не е донесен.


