Неделата на франкофонскиот филм ќе биде отворена со белгискиот филм „Склоност кон пораз“
Амбасадата на Белгија во Софија, Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје го најавија отворањето на ревијата Недела на франкофонскиот филм со белгискиот филм „Склоност кон пораз“ (2025, 86 мин.) на Лени и Арпо Гит, со Марија Кавалје-Базан, Аксел Перeн, Катрин Рeнже и Микаел Зендел.
Препорачано
Настанот ќе се одржи на 30 март (понеделник), со почеток во 20 часот, во Кинотеката, а на отворањето ќе се обратат Н.Е. Пол Ламбер, Амбасадор на Белгија во Софија, и Н.Е. Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција во Скопје.
Невработена и „во долгови до гуша“, 26-годишната Арманд Пижон одвај преживува во Брисел. Згора на тоа, се коцка и не се двоуми кога треба да ризикува – за Арманд секој облог вреди. Секој освен еден, оној на кој сè уште не се осмелува: облогот на љубовта.
Медиумите напишаа дека „филмот ‘Склоност кон пораз’ го избегнува преносното значење со апсолутната искреност на неговиот хумор и вистинската намера верно да отслика еден вид модерен живот, кој многу потсетува на првите филмови на Браќата Сафди“ („Инрокиптибле“); „филмот е манифест за лузерите, химна и енергичен и смел омаж на маргиналноста, молотов коктел на она што се нарекува ‘girl power’“ („Културопоен“).

Филмот се прикажува во рамките на Недела на франкофонскиот филм, во соработка со Амбасадите на земјите-членки на Меѓународната организација на франкофонијата, која се одржува од 30 март до 4 април 2026 година во Кинотеката.


