НЕ УБИВА САМО КОРОНАТА

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Имено, од околу 20.000 луѓе колку што умираат годишно во Македонија, околу 11.000 умираат како последица на болести на срцето и мозочните удари

Седам и гледам низ прозорецот како паѓа снег. И тој не изневери. Паѓа кога сака, а не кога го очекуваш. Просто ќе си речеш зимска идила е да не знаеш што освен снегот лебди во воздухот надвор.

Ех да може да го очисти и вирусот, како што тоа го правеше со воздухот кога беше загаден со ПМ честички! Молевме бога да заврне или да дувне ветерче да не спаси од загадувањето. И тогаш носевме маски, и се чудевме од што е загадувањето. Сега како во чудо, воздухот е чист. Нема ПМ честички. Никој ли не загадува? Никој ли не гори дрва или автомобилски гуми? Фабриките не увезуваат отровен отпад?
Дури ни бегалци нема!? Па колку до вчера се тресевме дека сме пред нова бегалска криза, дека десетици илјади бегалци се пробиваат на турско-грчката граница и дека ако тие пројдат зад нив идат уште еден милион што ни ги праќа Ердоган. Ништо од сето тоа.
„Еден вирус“ го „попари“ светот, или подобро речено го „смрзна“. Ништо не мрда. А како се чини, бетер ќе биде.
Кога бев млад новинар им се чудев на некои мои постари колеги кои од севкупната досада на стандардни политички вести едвај чекаа и се молеа за некоја вест што навистина ќе биде ВЕСТ, што ќе ја здрма јавноста. Па ќе ги слушнев како во духот на црниот хумор ќе се пошегуваат „како не падне некој авион, или не избувне некоја војна или епидемија…“ ( се разбира не кај нас).
Подоцна станувате свесни за проклетијата на професијата во која станало правило дека „само лошата вест, е (добра) вест!“
Ете не сега исправени пред една таква епидемија, односно светска пандемија од Ковид 19, нов вирус кој експресно се шири на сите континенти, лесно се пренесува од човек на човек, и кој може да предизвика и смрт.
Но, што сега!? Што има тука ново!? Болестите и заканите од смрт биле секогаш дел од животот.

Само да се навратам на проблемот со загадувањето. Во тие мигови на револт кај граѓаните потсетувавме колку е погубен загадениот воздух и дека годишно според податоците на Светска банка кај нас како последица од тоа директно или индиректно умираат 1200 лица годишно.
За 40 проценти од луѓето кои заболеле и починале од рак на бели дробови причината била токму аерозагадувањето. Но, штетните ПМ10 и ПМ2,5 честички не ги напаѓаат само дишните патишта. Дури 70 отсто од срцевите заболувања се припишуваат на загадениот воздух, а константната изложеност на штетните честички пропорционално го зголемува и ризикот од мозочни удари.

Според некои податоци Во Македонија од срцев удар во просек дневно умираат по четворица луѓе.
Болестите на срцето и на крвните садови се и натаму причина број еден за смртноста во земјава, односно секој втор починат, умрел од болест на срцето или крвните садови. Имено, од околу 20.000 луѓе колку што умираат годишно во Македонија, околу 11.000 умираат како последица на болести на срцето и мозочните удари, или овие болести во вкупната стапка на смртност во Македонија учествуваат со 57,8 отсто.
И на светско ниво Најголемиот виновник за 17,7 милиони смртни случаи годишно се кардиоваскуларните болести. На второ место е ракот со 8,8 милиони смртни случаи, респираторните болести со 3,9 милиони и дијабетесот со 1,6 милион луѓе.

Колку за потсетување до пред еден месец од Институтот за јавно здравје информираа дека расте активноста на сезонскиот грип, и дека евидентирани се вкупно 5.660 новозаболени лица, што претставува 74 процентно зголемување. Најголем број од заболените лица припаѓаат на возрасната категорија од 15 до 64 годишна возраст.

Инаку, од сезонски грип оваа година се регистрирани вкупно три смртни случаи, од кои едно 14 годишно девојче и двајца мажи на возраст од 50 и 85 годишна возраст. Во март пак минатата година дури осум лица починале од сезонски грип на возраст од 12 до 70 години.

Не сакам да ја преземам улогата на здравствените власти и да ја смирувам јавноста ниту да ширам паника, но корона вирусот во однос на т.н. редовни болести на денешницата барем засега е со многу послаб интензитет барем кога станува збор за смртноста. И ќе биде добро ако остане така.

Но овој вирус пред нас отвори други предизвици со кои допрва ќе треба да се соочиме. Цивилизациски, хумантирани, здравствени и економски. Дали ќе успееме, зависи од нас самите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот