Фото: Слободен печат

„Не се истакнувај ако имаш опашки во животот“: Доктор Пановски за случајот со директорот на Неврологија

Докторот Никола Пановски преку лична приказна предупредува дека јавноста не простува – особено на оние кои имаат пороци, фалсификати или скриени грешки, но сепак одлучуваат да бидат јавни личности.

Не стивнуваат реакциите по видеото на кое директорот на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, се гледа како меша бела прашкаста материја.

Случајот предизвика лавина од коментари во јавноста, а меѓу оние што се огласија е и докторот Никола Пановски.

Тој преку објава на Фејсбук порача дека човек кој има порок, фалсификувана диплома или направени големи животни грешки не треба да се експонира во јавноста, бидејќи последиците можат да бидат трагични.

„Ако имаш порок, фалсификат диплома или големи грешки во животот, не се истакнувај, седи си мирен, последиците можат да бидат страшни“, напиша Пановски.

Во својата реакција, тој се потсети на трагичен случај од деведесеттите години, кога директор на една македонска болница си го одзел животот откако било откриено дека дипломата му е фалсификат.

„Тоа беше човек за пример. Служевме заедно во СОШ во Белград, беше најдобар питомец, студираше медицина во Белград, специјализираше во Скопје, постдипломски заврши во Загреб. Одличен лекар и специјалист, омилен кај народот. Го поставија за директор на болницата во родниот град. Да не се истакнуваше толку, ќе уживаше денес во пензија со внучињата. Но, излезе страшната вистина – дипломата од Белград беше фалсификат. Се запишал, положил неколку испити и повеќе не се појавил. Стигна писмо од Белград, го разрешија од функцијата, доби отказ. Јавноста полуде, иако тогаш немаше социјални мрежи. Докторот си пресуди, на неполни 40 години. Весникот ‘Пулс’ тогаш имаше наслов: ‘Зборот уби човек’, потпишан од новинарот Ризаов“, раскажува Пановски.

Тој додава дека истото се случува и во спортот – на пример, во тенисот.

„Се пријавуваат да играат на првенства за доктори луѓе што немаат завршено Медицински факултет, или настапуваат на ветерански натпревари за возраст над 50 години, а немаат толку. Организаторите им веруваат на збор, но кога ќе стигнат до полуфинале, некој ќе ги пријави – и лагата се открива. Затоа, ако имаш опашки во животот, грешки или фалсификати, не се експонирај. Последиците се страшни, јавноста е немилосрдна“, завршува Пановски.

Само два часа откако се појави снимката, Министерството за здравство информираше дека министерот Азир Алиу донел решение за разрешување на Кузмановски од позицијата директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, попладнето соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.

ВИДЕО: Се појави снимка од директорот на Неврологија со кокаин, Алиу експресно го разреши

Сменетиот директор на Неврологија Кузмановски се извини, вели дека се кае за своите постапки

Филипче апелира до Лекарската комора: Да се направи проценка дали неврологот Кузмановски воопшто може да лекува пациенти

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот