Аријана Гранде ѝ порача на Белата куќа — „Не ја користете мојата музика“
Американската поп-ѕвезда Аријана Гранде побара од Белата куќа да не го користи нејзиното творештво, откако нејзина песна беше искористена како подлога за видео на социјалните мрежи со кое се промовираат новите имиграциски политики. На краткото видео објавено на Тикток во понеделникот, прикажани се гранични агенти како ставаат лисици на мигранти, додека во позадина оди хитот на Гранде од 2024 година, „Bye“, пренесува „Би-би-си“.
Препорачано
Описот на видеото гласи:
„Чао-чао … Претседателот Трамп ја обезбеди најсигурната граница во историјата“.

Гранде лично коментираше под самата објава:
„Ве молам, не ја користете мојата музика во контекст на оваа варварска, нехумана и одвратна глупост“.
Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, на американските медиуми им изјави:
„Она што е навистина варварско, нехумано и одвратно се криминалците кои илегално влегуваат во земјата, а кои повредија и убија невини американски граѓани“.
Контроверзното видео на Белата куќа доаѓа откако Доналд Трамп потпиша предлог-закон со кој се одобруваат повеќе од 70 милијарди долари финансиски средства за имиграциските агенции, наменети за преостанатите две и пол години од неговиот претседателски мандат. Самите кадри прикажуваат како службеници им ставаат лисици на луѓе, ги внесуваат во возила, а потоа ги сместуваат во притворни центри.
По реакцијата на Аријана Гранде, звукот на видеото беше исклучен, а нејзиниот коментар избришан. Веднаш по ова, голем број корисници почнаа да коментираат дека пораката на пејачката ја нема и прашуваа зошто е згаснат тонот на објавата.
Актерката од филмскиот хит „Злобница“ е само последната во низата уметници кои побараа од тимот на Трамп да не ја користи нивната музика за промоција на политичката агенда на претседателот.
Минатата година, Сабрина Карпентер напиша:
„Никогаш не вклучувајте ме мене или мојата музика во корист на вашата нехумана агенда“, откако Белата куќа искористи дел од нејзината песна „Juno“ во видео-компилација од акции на имиграциската служба (ICE).
Претходно, за време на претседателската кампања во 2024 година, АББА, Селин Дион и Бијонсе беа меѓу оние кои најостро инсистираа тимот на Трамп да престане да ги пушта нивните хитови на политичките собири.


