Не е случајност: Барселона по трет пат „краде“ фудбалер пред нос на конкурените

По Малком и Френки де Јонг, сега и Сержињо Дест на неверојатен начин доаѓа на „Камп Ноу“.

Иако пред неколку дена сите релевантни медиуми објавија дека младиот фудбалер на Ајакс, Сержињо Дест се договори со Баерн Минхен, вчера се случи пресврт и тој заврши во Барселона.

Ова е трет пат челниците на каталонскиот клуб да направат ваква „кражба“, претходно нешто слично се случи и со Малком и со Френки де Јонг.

Првата „кражба“ се случи во 2018 година кога Рома и Бордо на официјалните интернет странци објавија дека постигнале договор за трансфер на Бразилецот Малком кој веќе беше на пат кон аеродромот, а навивачите на Рома се организираа да му приредат дочек по слетувањето во Рим.

Но, тогашниот спортски директор на Барселона, Ерик Абидал, лично го контактираше агентот на фудбалерот, а Малком дозна дека и Барселона се интересира за него и дека на Бордо му нуди еден милион повеќе од Рома.
Следниот ден, Малком беше промовиран како нов играч на Барселона. Бразилецот сепак, не се задржа многу на „Камп Ноу“ и по само една година замина во Зенит.

Речиси полуда беше приказната која се случи шест месеци подоцна со Френки де Јонг.
Во јануари 2019 година, фудбалерот на Ајакс, Френки де Јонг ги договори сите услови со францускиот ПСЖ, а холандскиот тим ја прифати понудата тешка 75 милиони евра.
Откако дел од француските медиуми објавија дека ПСЖ се договори со Ајакс, наредниот ден претседателот на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу заедно со најважните директори на клубот, лично заминаа за Амстердам за да го „украдат“ Де Јонг.
На состанокот со Де Јонг, Бартомеу му објаснил зашто треба да ја избере Барселона. Наводно Бартомеу играл на картата на емотивната поврзаност на Де Јонг со каталонскиот клуб како и на односот со академијата на Ајакс и легендарниот Јохан Кројф. Имено, Кројф ја создаде популарната академија на Барселона, Ла Масија, по урнекот токму на Ајакс.

По неколку часа од состанокот, Френки де Јонг одлучува да ги прекине преговорите со ПСЖ и да се пресели во Барселона за истата сума на пари.

Третиот случај е Сержињо Дест кој неделава ги договори личните услови со Баерн Минхен, а Ајакс ја прифати понудата од 25 милиони евра. Но, вчера Барселона направи нов пресврт и „кражба“, а најголем удел во тоа имаше тренерот на каталонците Роналд Куман кој успеа да го убеди младиот фудбалер да дојде на „Камп Ноу“.

Така работи Баерн, додека Барселона се ценка, тие се договорија со Ајакс

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот