Навални е болен и оставен без нега, тврди неговиот адвокат

Рускиот политичар Алексеј Навални/фото EPA

Рускиот противник на Кремљ, Алексеј Навални, кој е во затвор две години, е болен и „без нега“, изјави денеска неговиот адвокат Вадим Кобзев, додавајќи дека ситуацијата е „многу чудна“.

Во текот на ноќта меѓу петокот и саботата во неговата ќелија била повикана Итна помош поради стомачни проблеми кои се влошиле“, напиша Кобзев на Твитер.

Адвокатот додаде дека Навални (46) боледува од „неутврдена болест од која никој не го лекува“.

„Според неговиот медицински картон, во последните две недели тој (Навални) изгубил осум килограми“, рече адвокатот и додаде дека пакетите со лекови што мајката на Навални ги испратила во затворот се вратени, бидејќи не стигнале до него.

Според адвокатот, затворениот опозиционер има „кризи“. Адвокатот не ја исклучи можноста за обид на властите да дозволат неговото здравје „да се влоши не нагло, туку постепено“.

„Ќе побараме токсиколошки и радиолошки испитувања“, додаде адвокатот.

Навални на почетокот на годината изјави дека има симптоми слични на грип и дека е лишен од задоволителен пристап до нега. Неговите поддржувачи го осудија обидот на Кремљ полека да го „убие“.

Навални, жесток критичар на Владимир Путин и противник на руската инвазија на Украина, беше уапсен во Русија во јануари 2021 година, откако се врати во земјата по тешкото труење кое му се припишува на Кремљ.

Во март истата година, тој беше осуден на девет години затвор поради наводна проневера, која Навални ја негира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот