„НаТочак“: Македонија заедно со Албанија и Косово се последни држави без правилник за велосипедска инфраструктура
Секој изминат ден значи непотребна борба со високи рабници, лошо решени автобуски постојки, патеки без стандарди, нови одобрени планови и проекти без грижа за велосипедскиот сообраќај, соопштуваат од „НаТочак“, барајќи што поскоро да се донесе Правилникот за велосипедска инфраструктура, за кој „Слободен печат“ минатата недела пишуваше дека би донел повисоки стандарди и подобри услови за возење велосипед, но моментално тој „заринка“ во Влада.
Препорачано
Од „НаТочак“ сметаат дека поминало доволно време, бидејќи како што велат, првите верзии на документот биле изработени од Координативното тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје во 2016, а последната верзија била надградена и поднесена од „Гоу Грин во 2024 година“, па, посочуваат од таму, би било штета Правилник кој е од јавен интерес да остане „заглавен по фиоки“.
„Доколку постојат несогласувања со други правилници, можеби треба да се работи и на нивна измена, бидејќи содржината на овој Правилник кореспондира со сегашниот миг и целите за кои сите се залагаме: поодржлива, побезбедна и поквалитетна иднина за нашите места на живеење, работа и рекреација. Не може истовремено да имаме и напредок, и статус кво“, велат од „НаТочак“.
Министерот Александар Николовски пред пола година јавно вети дека ќе има напредок во полето на стандардите и безбедноста на велосипедизмот, па, активистите велат дека ќе го држат за збор и очекуваат што поскоро да заврши постапката.
„Би сакале да потсетиме дека Македонија заедно со Албанија и Косово е во последните држави во Европа кои немаат ваква регулатива. А доколку овој Правилник се донесе, би бил меѓу најдобрите на Балканот. Од едната до другата крајност нè двои едно потпишување“, нагласуваат од „НаТочак“.
Инаку, „Слободен печат“ анализираше дека велосипедистите во земјава секојдневно возат по патеки со шахти, столпчиња, дупки и „тумби-румби“. Начекуваат и контејнери и автобуски постојки – насред пат. Некаде се судираат со пешаци. Некаде не се знае каде завршува тротоар, а каде почнува велосипедска патека. Нејасно е ниту дали воопшто се возат по патеки, бидејќи во делови се несоодветно обоени, избледени или се тесни. Во Охрид има широки по 1 метар, во Струмица по 1,25, а во Скопје – 1,5 метри. Па така, без стандарди во велосипедска мрежа и без гаранција за безбедност, многумина немаат стимул за да излезат од автомобилот, дури и кога цените на горивата растат.
Ова требаше да почне да се менува токму со новиот Правилник за велосипедска инфраструктура, кој од организацијата „Гоу Грин“ долго го изработуваа со стручни луѓе, а потоа пред шест месеци, во очи на локалните избори, заедно со институциите беше промовиран на настан пред „Континентал“. Сепак, како што дознавме, моментално тој е заглавен во Влада на нова рунда прегледи и одобрувања.
Од Транпорт не кажаа датум кога би бил завршен, иако заменик-министерката Калтрина Зеколи Шаќири се пофали дека „поголемиот дел е готов, ни требаат уште некои технички работи од МВР и ‘Јавни патишта’“. Воедно, од Град Скопје засега изоставува одговор кој е нивниот удел во Правилникот, но и како помагаат за да се подобрат условите за велосипедистите. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред изборите тврдеше дека Правилникот ќе биде обврзувачки за општините, а во следните години треба да се направи напор да се дуплира бројката од 144 километри вело-патеки во Скопје и 5-те отсто учество на велосипедизмот во сообраќајот.


