Наставници го отфрлаат понудениот концепт за историја: Тргнете во реформи од самите себе

Асоцијација на Наставници по Историја на Македонија, како невладина организација во која членуваат голем број на наставници по историја од државата, преку соопштение до јавноста истакнаа дека едногласно го отфрлааат планот за реформа на образовниот систем претставен како концепт програма за реформа на основното образование.

Во прилог ви го пренесуваме целото нивно соопштение до јавноста:

„Воедно, како одговорни наставници и професори по историја, силно загрижени за дигнитетот на нашата благородна професија, која опфаќа и одбрана на националниот идентитет, упатуваме соопштение до јавноста со кое го отфрламе понудениот Концепт, укажувајќи на бројните недостатоци:

Изработката на програмата која треба да е од највисок интерес за државата и нашето општество, се случува во тајност и далеку од очите на стручната јавност, што не е во духот на јавност и транспарентност како основен принцип на делување во едно демократско општество.

Најавената програма се предвидува да биде имплементирана во неверојатно краток рок (септември 2021), што гарантира принцип на импровизација и оправдан страв во сериозноста на пристапот.
Промоторите на т.н. концепт програма за реформа на основното образование, се повикуваат на лажни и неточни искуства во западноевропски земји, кои се лесно проверливи.

Изобилството на висококвалитетни наставни и научни институции и кадри кои ги поседува нашата држава, иако меѓународно високо етаблирани и стручни во областа на своето делување, се заобиколени во изработката на програмата.

Останува отворено прашањето од каде ја црпат компетентноста креаторите на т.н. концепт програма за реформа на основното образование, но и кои се тие?

Историски пресвртници: Од природни науки во еден учебник, преку пилатес и јога до реформирано образование

Промоторите на програмата се повикуваат на транспарентност и консултации со наставниците преку спроведување на незадолжителни и преопшти електронски анкети?! Нешто непознато во академскиот и демократски свет. Воедно, во анкетата недостига и клучното прашање: „Какво е вашето мислење за спојувањето на предметите Историја, Географија и Граѓанско образование во еден единствен наставен предмет?“. Веројатно одговорот е однапред познат!

Воедно, промоторите на програмата, најавуваат јавна расправа, на за нас нејасен начин, оставајќи не без одговор на прашањата кои поттикнуваат критичко размислување: КОЈ?, КОГА?, КАДЕ? и КАКО? ќе ја организира и учествува? И за критичко размислување се потребни информации!

Од сето наведено, но и поради уште многу конкретни забелешки, искажуваме висока загриженост за квалитетот на процесот, неговиот краен резултат, а зошто да не и во неговата добронамерност. Воедно нудиме и решенија!

Моментот и начинот на спроведување на вакви реформи може да предизвика сомнеж дали зад концептот се кријат политички, а не образовни причини. Ваквиот сомнеж може да предизвика отпор кон спроведувањето на предложените реформи, што на крај би резултирало со штета врз целокупниот образовен процес.

Нашата силна и гласна порака до креаторите на споменатите реформи е следната: Тргнете во реформи од самите себе!, порачуваат од Асоцијацијата на наставници по историја во Македонија. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот