Историски пресвртници: Од природни науки во еден учебник, преку пилатес и јога до реформирано образование

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Спојувањето на предметот Историја со предметот Географија крена голема прашина во јавноста, со оглед на чувствителниот период во македонско-бугарските односи и барањата на Бугарија, да се интервенира во делови од историјата на Македонија.

Наставници по историја од повеќе градови во државата во писмо до министерката Мила Царовска велат дека нема да дозволат да се нанесе голема штета на образовниот процес со укинување и девалвирање на предметите.

Наставници го отфрлаат понудениот концепт за историја: Тргнете во реформи од самите себе

Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ, бара од Владата и МОН да го повлечат најавениот нов концепт за реформи во основното обазование, кои се однесуваат на фузирање на предметот историја со други предмети.

– Таканаречениот „Концепт“ што го нуди МОН е донесен на целосно нетранспарентен начин, без консултација ниту со Институтот или други високошколски установи, ниту со научната и професионалната јавност. Институтот цени дека е скандалозно да се влечат вакви сериозни потези без воопшто и да се информира – а не пак да се побара совет од струката, од која утреден ќе се бара планираното да го спроведе во дело, во училишните клупи, велат од Институтот по Историја.

Оттаму додаваат дека во моменти кога е нападната македонската историја не смее да се прави ваква реформа во образованието.

– Таканаречениот „Концепт“ предвидува интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор. Во еден ваков несреќен момент, секое продолжување на замислената интеграција може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци, велат од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје и потенцираат дека го отфрлаат понудениот концепт и бара од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.

До Министерството за образование и наука допис испрати и Македонското географско друштво.

– Загрижува фактот што во изработка на предложената нова Концепција за основното образование не е вклучен професор од Институтот за географија. Секое подвојување може неповолно да се одрази врз квалитетот на знаења од областа на географијата со кои ќе се стекнат учениците. Ваквиот рез во предметите, меѓу кои и на географијата, ги доведува под знак прашалник работните места на поголем број предметни наставници, што дополнително ќе се одрази негативно врз кревката социјална и економска слика на земјава, велат од Македонското географско друштво.

Оттаму додаваат дека премногу амбициозно е да се очекува дека оваа реформа ќе се практикува од учебната 2021/22 година.

Потребно е детално разгледување на предлогот заедно со можностите за негова евентуална реализација. Замислата реформата да се реализира веќе од учебната 2021/22 година, според нас, е премногу амбициозна и не остава доволно простор за потребните подготовки.
Наставниците како носители од кои се очекува квалитетна реализација на наставата и учениците, кои ставени во вителот на недоречени реформски зафати, можат да имаат непоправливи недостатоци во образованието, се вели во дописот на Македонското географско друштво до МОН.

Реформата во образованието предвидува спојување и на предметите биологија, хемија и физика, кои ќе се интегрираат во природни науки.

Советничката од Бирото за развој на образованието, Ивана Мијиќ преку видеообраќање објасни дека новината со овој концепт е што во третиот развоен период, од седмо до деветто одделение наставните предмети Биологија, Хемија и Физика ќе се интегрираат во единствен предмет Природни науки.

Овој предмет ќе биде застапен со два часа неделен фонд од прво до петто одделение. Три часа неделен фонд во шесто одделение. И во периодот од седмо до деветто одделение со по пет часови неделно. Тоа значи дека во наставниот предмет Природни науки ќе бидат развиение во самиот наставен предмет три поодделни модули, појаснува Мијиќ.

И наставниците се збунети и во неизвесност. Наставничка по Географија од основно училиште во Свети Николе со нас сподели дека таа и нејзините колеги стравуваат за своите работни места.

– Мојот договор е на определено, иднината ми е неизвесна. Колегите што имаат трајно вработување се помалку исплашени. Сепак, не знаеме како ќе одвива наставата. Јас сум наставничка по историја, но немам познавања по географија. Всушност и двете науки се различни, едната општествена другата природна наука. Дополнително, не е возможно да се почне со новата програма до септември, бидејќи немаме ниту нови книги. Во моментов по географија предаваме по програма од пред четири години, но се уште немаме книги, па можам да замислам колку време ќе треба да се испечатат новите книги за новите предмети, вели наставничката по географија.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека најдобра опција е да се направи пилот програма во неколку училишта.

– Не сме консултирани а бевме известени откако е направен планот. Не сме влезени во процедурата на подготовка. Дадовме реакција и загриженост за работните места на наставниците по што се јави миинистерката Царовска дека нема да има отпуштање од работа, но како ќе се одвива процесот на работа и по колку часови по кој наставен предмет ќе има, се уште не знаеме. Апелираме да не се брза со воведување на новата програма за прво и шесто оддееление од септември следната година. Нашиот предлот е да се пилотира во неколку училишта, во градски и селски различни работни средини, за да се види како ќе се одвива наставата. Веруваме во добрата намера на МОН но имаме прашалници. Очекуваме заедничка работна среба со Министерството и во изготвуавње на работна програма. Ние имаме надлежност за заштита на правата на наставниците, вели Неделков.

Според новата наставна програма на МОН се предвидува вежбање пилатес и јога. 

Останува да видиме како ќе се одвиваат часовите по пилатес, ако се знае дека од 364 основни училишта 130 немаат спортска сала за реализација на наставата по предметот спорт и спортски активности.

Претседателот на СОНК вели дека поради немање соодветни услови во училиштата не може да се реализира вон наставната програма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот