ВИДЕО: Како течеше одбележувањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев

Фото: Стево Пендаровски/Фејсбук

Во црквата „Св. Спас“ во Скопје денеска со положување цвеќе пред вечното почивалиште на Гоце Делчев беа одбележани 121 година од неговата смрт.

Цвеќе положија претседателот на државата Стево Пендаровски, владина делегација предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, собраниска делегација составена од Дарко Каевски, Даниела Николова и Велика Стојкова-Серафимовска, како и здруженија на граѓани….

„Во чест на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а по повод 121-годишнината од неговата смрт, денеска положив свежо

цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, Делчев за македонскиот народ претставува стожер врз кој денес ја градиме нашата државност и самобитност.
Слава му“, соопшти Пендаровски по повод одбележувањето на годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев

Пред вечното почивалиште на Делчев се поклонија и партиска делегација на СДСМ предводена од потпретседателката на партијата Сања Лукаревска и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ преводена од лидерот на партијата Христијан Мицкоски, кандидатката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски….

Точно напладне во Собранието на Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајни остварувања во областа на науката. Добитници на државната награда „Гоце Делчев“ годинава се проф. д-р Роберт Хадсон и проф. д-р Иван Додовски за делото „Долга транзиција на Македонија:од независноста до Преспанскиот договор и потоа“ и д-р Ана Мартиноска и м-р Жарко Иванов за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963г.“ (од архивските материјали на Васил Хаџиманов).

Годишнината од смртта на Делчев ќе биде одбележана и во Штип каде се наоѓа истоимениот државне Универзитет. Според агендата, на одбележувањето ќе се обратат ректорот на Универзитетот Дејан Мираковски и градоначалникот на Штип Иван Јорданов.

Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот