Насилниците од Софија спремни да ја минат границата на дозволеното

Фото: Ангел Џамбаски/Фејсбук

Безбедносните институции ќе постапат по препораките на Советот за безбедност и ќе забранат влез на сите странски државјани ако се утврди дека се закана за јавниот поредок, националната безбедност или меѓународните односи, најави вчера премиерот Димитар Ковачевски.

Не помагаат никакви апели за воздржаност во македонско-бугарските односи за да се спречи ескалација по претепувањето на охриѓанецот Христијан Пендиков. По препорака на претседателот Стево Пендаровски, во Скопје се подготвуваат на 4 февруари да им го забранат влезот на бугарските националисти, на чело со европратеникот Ангел Џамбаски, кој од Софија вчера му се закани на македонскиот шеф на државата со атентат и порача дека ќе дојде на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Овој настан Советот за безбедност го оцени како висок безбедносен ризик, затоа што граѓаните се организираат со бдеење во црквата „Свети Спас“ да спречат „некој да го слави Делчев како Бугарин“. Премиерот Димитар Ковачевски вчера најави дека безбедносните институции ќе постапат по препораките на Советот и ќе забранат влез на сите странски државјани ако се утврди дека се закана за јавниот поредок, националната безбедност или меѓународните односи.

– Сè што е во надлежност на Владата ќе биде направено со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на роденденот на великанот Гоце Делчев. Конкретните активности се исклучиво во надлежност на МВР. За тоа лице, без разлика дали е политичар или не, се спроведува процедурата и не му се дозволува влез во земјата – рече премиерот и ги осуди сите што шират немир и провокации за нарушување на македонско-бугарските односи. На завчерашната седница на Владата, пак, не беа донесени одлуки за забрана за влез на личности од Бугарија.

Спасовски: На 4 февруари ќе знаеме дали некој ќе биде вратен на граница

Дали некој ќе биде вратен на граница, според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе се знае дента, на 4 февруари. На новинарско прашање – зошто не се прифатени предлозите за прогласување на непожелни личности, Спасовски беше дециден дека врвен приоритет ќе биде да се сочува мирот, стабилноста и јавниот ред и поради тоа што тоа не е добро и за политичките односи внатре во државата и помеѓу соседите.

– Знаеме дека секогаш имаме радикални структури што поради лични или други интереси сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите. Од друга страна, никако не смееме да дозволиме да се наруши безбедноста на нашите граѓани. Владата вчера разговараше на оваа тема, го задолжи МВР да преземе надлежности во зачувувањето на безбедноста и стабилност во соработка со Агенцијата за национална безбедност – рече Спасовски.

Тој информираше дека МВР разменува информации со АНБ и со безбедносните служби и врз основа на тоа ќе носи одлуки во секој поглед. Според него, сите тие податоци и информации се дел од анализите што се прават, а за секоја одлука треба да има и време и момент кога ќе биде донесена.

– Прво и основно е заштита на мирот и безбедноста и најважно – заштита на нашиот национален интерес, идентитет, нашето право на самоопределување и на достоинството на македонскиот народ и на македонските граѓани – изјави Спасовски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера изјави дека во Македонија секогаш има фактори што сакаат да ја одвлечат од патот на ЕУ и да се држи во перманентна криза, затоа што тогаш трети фактори однадвор најдобро го имаат своето влијание.

– Наша задача е да не делуваме на емотивна основа. Мора ладнокрвно да ја согледаме нашата перспектива и интерес. Во овој правец, граѓаните да немаат сомнение дека политичките партии во Владата, независно од етничка припадност, се сплотени во заштитата на националните интереси и на македонскиот народ и на Албанците и на другите и на државата во целина – порача Османи.

Во врска со забраните за влез на лица што навредуваат, Османи рече дека треба да воведеме принцип дека на оној што во РС Македонија ќе го оспори постоењето на македонскиот народ или ќе покаже територијални претензии, истиот ден да му се забрани понатамошен влез.

Тој потврди дека за инцидентот со Пендиков бугарските власти веќе пуштиле писма до сите меѓународни организации, со објаснување дека овде се води тешка политика на државна дискриминација, а наша задача е, додаде, не да ја убедиме Бугарија да го смени ставот, туку Бугарија да не успее да ја убеди ЕУ за своите погледи, односно ние да ги покажеме нашите аргументи во однос на тоа што се случува овде.

Захариева бара остра реакција

Во Бугарија, пак, се редат радикални изјави против Македонија, а има повици и да се врати ветото. Претседателот на радикалната партија „Преродба“ Костадин Костадинов смета Бугарија не смее да се наведнува и да го почитува, како што вели, ултиматумот што го поставува Скопје.

– На оваа дрскост мора да се стави крај. Ако РСМ во својата форма стане членка на ЕУ, секој божји ден во Брисел ќе се соочуваме со македонски провокации. Тие сакаат да ја негираме сопствената историја – вели Костадинов.

Според него, огромен дел од луѓето во Македонија имаат бугарска самосвест.

– Ако не беа толку големи бугарските симпатии во РС Македонија, немаше да има толку многу бугарски клубови. Има и во Бугарија луѓе што се чувствуваат Македонци, но дали некој некогаш слушнал еден збор против нив, говор на омраза? Не се закана неколку стотини луѓе што мислат дека се Македонци, но во РСМ се стотици илјади луѓе со кои се разбираме и се дружиме. Токму тоа пријателство сака да го уништи власта во РСМ – рече тој.

Поранешната министерка и претседателка на Комисијата за надворешна политика во бугарското собрание, Екатерина Захариева, вели дека „агресијата врз македонските Бугари се одвива под добронамерниот поглед на властите во Македонија“.

– Бугарија мора да има многу дефинитивна и остра реакција на изјавата на претседателот Пендаровски. За жал, ова не е првпат да дава остри изјави кои не помагаат во развојот на билатералните односи. Силно се надевам дека македонската влада нема да го почитува неговото барање, бидејќи тоа многу повеќе ќе ги ескалира билатералните односи. Ова ќе им служи на оние бугарски политичари што не сакаат да ги пуштат на територијата на РСМ. Некои од нив, исто така, не помагаат за нормализирање на односите – вели Захариева, која смета дека е добро што се извинил министерот Османи за претепувањето на Пендиков, но потенцира и дека не дошло извинување од македонскиот премиер.

Џамбаски му се закани на Пендаровски со атентат

Бугарскиот радикал од ВМРО-БНД и европратеник Ангел Џамбаски му порача на претседателот Стево Пендаровски дека и во минатото имало обиди на лидери на ВМРО да им се забрани влез во Македонија и му порача дека последниот таков пример бил со југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Џамбаски најави дека на 4 февруари ќе дојде во Скопје.

Прашан дали се препознава во описот на Пендаровски, кој побара Владата да донесе одлука за забрана на влез на еден бугарски европратеник, Џамбаски  одговори дека во тој опис го препознава секој Бугарин што ги застапува правата и интересите на Бугарите во Македонија.

– Што претставува за нас една таква забрана? Да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерната, и дека во минатото и други се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија, а последниот таков пример е со југословенскиот, со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија, нека погледнат во историјата и нека учат од неа – рече Џамбаски во разговор за бугарската телевизија Нова.

На прашањето дали планирал да дојде во Скопје на 4 февруари заедно со поголема група луѓе да ја одбележат 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев Џамбаски потврди.

– Не мислев да одам во Македонија, имав други планови. Но сега, како да одбијам ваква љубезна покана – рече тој.

Кралот Караѓорѓевиќ е убиен е во атентат во Марсеј, од страна на Владо Черноземски, по наредба на ВМРО на 9 октомври 1934 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот