Населението е писмено финансиски околу 56%, затоа со банките и со УЈП ги учиме децата како да штедат и вложуваат, вели Јаневска
Во пресрет на 15 март, Денот на заштита на правото на потрошувачите, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека учениците во Македонија имаат познавање за основните поими, но не и како да ја применат финансиската писменост.
Препорачано
Според Организацијата за економска соработка и развој, кажа Јаневска, нашето население е писмено финансиски околу 56%, што го окарактеризира како „незадоволително“.
„Затоа, Министерството првенствено со Бирото за развој на образование, но и со Народната банка и Министерството за финансии и УЈП, и Асоцијацијата на банки во Македонија и други институции, развива програми за најмладите од рани години да научат како да управуваат со сопствените средства или средствата кои им се на располагање, да научат да штедат, да научат да вложуваат, да научат да проценуваат ризици, да научат на кој начин да управуваат, менаџираат со сопствените средства, што во суштина претставува еден сериозен чекор за примена на знаењата во иднина кога тие навистина ќе имаат таква потреба“, рече Јаневска.
Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, рече дека нивен стручен тим заедно со надворешни соработници направило извештај, кој токму покажал дека учениците имаат само основно познавање од финансиите.
„Бирото ја спроведува програмата за заштита на потрошувачите и со соработка со институции, го подобруваме нивото и ги поттикнуваме учениците да се стекнуваат со знаења и вештини за финансистка писменост, да станат личности кои понатаму ќе носат одговорни и информирани финансиски одлуки“, рече таа, додавајќи дека „резултатите од анализата покажуваат во која насока да се движиме“.
Финансиска писменост постои како слободен изборен предмет меѓу четврто и деветто одделение како слободен изборен предмет. Во деветто, по старата програма, сѐ уште е и предметот Иновации.
„Сериозно се залагаме не само преку темите во одредени предмети, туку и преку изборни предмети да ја подобриме оваа состојба и продолжуваме во тој правец да работиме и за финансиската и за писменост и за други проблеми со кои реално учениците се соочуваат“, рече министерката Јаневска на денешната прес-конференција.
Запрашана од новинарите во однос на новиот закон за високо образование, за кој имаше повеќе реакции и некои професори побараа негово повлекување, Јаневска е децидна дека тој наскоро ќе влезе во владина процедура.
Според Јаневска „едногодишниот труд на работната група нема да биде поништен“ и „отпорот кај дел од академската заедница доаѓа од страв за исполнување на новите, повисоки критериуми“.
„Мала група професори бараат повлекување на законот. Претпоставувам дека тоа е од страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите кои законот ги бара. Имаат две можности. Првата можност им е сериозно да се фатат за работа. Втората можност е да останат во истото звање подолго време, па потоа, кога ќе бидат спремни, да одат во следното звање. Од тука ништо не губат“, изјави Јаневска, посочувајќи дека сите конструктивни забелешки се влезени во финалниот текст.


