Наредната недела се решава иднината на Лео, во Барселона пристигна Хорхе Меси
Иднината на Лионел Меси веќе речиси година дена е една од главните фудбалски вести. Наскоро ќе биде познато дали еден од најдобрите фудбалери во историјата ќе остане во Барселона и по 20 години ќе се замине од „Камп Ноу“.
Препорачано
Минатиот викенд во Барселона беа одржани претседателски избори на кои победи Жоан Лапорта кој им вети на фановите дека „Меси ќе остане во Барселона доколку тој стане претседател“.
Преговорите за иднината на Меси треба да започнат наредната недела и поради тоа денеска во Барселона пристигна Хорхе Меси, таткото на Лео кој воедно е и негов менаџер, кој треба да има средба со Лапорта.
Договорот на Лионел Меси истекува на крајот од сезонава, а минатата сезона Аргентинецот беше на излезни врати од „Камп Ноу“, но на крајот остана во Барселона бидејќи не сакаше да се влече по судови. Но, сега Меси е слободен и има можност да избира каде ќе ја продолжи кариерата.
Засега поголеми се шансите Меси да остане во Барселона која во последно време игра се подобро, а Аргентинецот е најдобар стрелец на екипата.
Уште еден адут во ракавот на Лапорта е тоа што во првиот тим има неколку млади и суперталентирани фудбалери на кои им се предвидува голема иднина, а засега Меси ужива да игра со нив на теренот.
Доколку се одлучи да си замине од Барселона, само два тима имаат шанси да го ангажираат, Манчестер сити и ПСЖ.


