Наместо во Центарот во Кисела Вода, зависниците ќе се лекуваат онаму каде што живеат

Министерството за здравство информира дека во тек се подготовки за дисперзија на дел од пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција од Центарот за зависници во Кисела Вода. Пациентите ќе бидат распределени согласно општината во која живеат и според локациите на кои ќе бидат пунктовите. Ова е план кој постои повеќе години, но до сега не беше реализиран бидејќи општините не сакаа на нивна територија да има центри за третман на зависници од дроги.

„Дисперзијата ќе следи во општинските пунктови кои се наоѓаат во поликлиниките „Јане Сандански“, во населба Ченто и Бардовци и во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Карпош. Сметаме дека во интерес на пациентите е поддршката од лекарите да ја имаат во пункт во својата општина или општината која е најблиску до локацијата на која се наоѓа пунктот. Во овие пунктови, пациентите ќе добиваат метадонска терапија, додека проценката за промена на терапија ќе ја прави психијатарот кој е одговорен за пациентот и истиот ќе утврди колку пати неделно пациентот треба да ја зема терапијата“, информираат од Министерството за здравство.

Со дисперзијата 120 пациенти, кои сега дел од програмата за лекување и третман, веќе нема да се создава метеж околу пунктовите и ќе се зајакне контролата на целиот процес.

Распределувањето на психијатрите е во рамки на внатрешната организација на јавната здравствена установа во која се вработени и во која ја извршуваат здравствената дејност во однос на лекување на зависностите, а тоа е Психијатриска болница–Скопје.

„Во тек се административните подготовки на пунктовите кои се веќе просторно опремени. Штом завршат овие подготовки, пунктовите веднаш ќе бидат пуштени во функција. Дисперзијата е системско решение кое Министерството за здравство успеа да го реши во полза, пред сѐ на пациентите, потоа и на сите граѓани во земјава. Ваквите процеси треба да бидат поддржани од сите нас, само така ќе напредуваме, нема потреба од стигми и стравови. Целиот процес на лекување на овие пациенти ќе биде строго контролиран, а во него, покрај здравствените работници ќе бидат вклучени и сектори од други министерства, невладиниот сектор кој работи со оваа целна група на лица, но и семејствата на пациентите“, порачуваат од ресорното министерство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот