Најстарата кучешка раса во Македонија: Запознајте го Макс, најдобриот македонски паничар

Македонскиот паничар Макс / Фото: Приватна архива

Дали сте знаеле дека покрај овчарските раси шарпланинец и караман, во Македонија постои уште една автохтона кучешка раса наречена македонски паничар? Но, за разлика од овчарските раси, македонскиот паничар е мала раса, погодна за чување во домашни услови и овие кучиња се таканаречени чувари на семејната среќа.

Од кинолошкиот клуб „Македонски паничар“ велат дека овие кучиња имаат спокоен карактер и дека се дружељубиви со членовите на семејството, но и со добронамерниците што самите ги препознаваат. Истовремено, тие се и жестоки чувари на просторот на кој живеат и панично реагираат кога ќе насетат потенцијална опасност, односно дека некој се обидува да го наруши семејниот амбиент. Токму од тука произлегува неговото име – паничар.

Исто така, се претпоставува дека ова е најстарата кучешка раса не само во Македонија туку и во Европа!

Во септември минатата година, во Скопје се одржа кинолошка изложба на која беа претставени повеќе македонски паничари, кои беа оценувани од меѓународниот кинолошки судија Габриел Стибел.

Во таа пригода, македонскиот паничар Макс беше прогласен за најдобар мажјак во својата раса. Поради таа причина, решивме да поразговараме со неговата сопственичка Јана, која ни раскажа како е да се има едно толку мирољубиво куче како домашен миленик.

Јана, како влезе Макс во Вашиот живот?

– Долго време размислувавме за вдомување куче и бевме во потрага по некое што ќе ни одговара нам, особено за чување во стан. Кога го видовме Макс на социјалните медиуми како кученце за вдомување, беше спој на прв поглед. Уште истиот ден појдовме и го земавме, а тој си доби дом во кој е неизмерно сакан.

За расата македонски паничар ретко се зборува и малкумина се запознаени со неа. Како дознавте дека тој, всушност, ѝ припаѓа на таа раса?

– Макс го имаме осум години, но за расата дознавме неодамна, преку социјалните медиуми, поточно преку кинолошкиот клуб „Македонски паничар“. Нам ни беше интересно бидејќи не знаевме дека постои таква раса, но и дека Макс е воопшто расно куче, ако може така да се нарече.

Фото: Приватна архива

Кои се карактеристиките на оваа раса? Дали навистина се паничари како што гласи нивното име?

– Како што досега дознавме, нивното име доаѓа од тоа што се гласници, сакаат да предупредат за нешто, го чуваат домот и се постојано во тек што се случува во нивната околина.

Покрај тоа, се всушност многу мили и мирни кучиња, погодни за чување во стан. Паметни се, брзо учат и лесни се за тренирање. Досега не сме имале никакви тешкотии за да го научиме нешто и за стекнување навики.

Во септември годинава се одржа изложба на македонски национални раси, а Макс беше прогласен за најдобар македонски паничар. Како се одвиваше изложбата и како одлучивте да се пријавите?

– За изложбата дознавме сосема случајно, па така и отидовме на неа – за забава. Беше организирана од кинолошкото друштво „Полар“, а како составен дел од програмата беа претставени три македонски раси, вклучувајќи го и македонскиот паничар.

Имаше 15-ина учесници од расата, а беа оценувани од професионални кинолошки судии. На крај, Макс го освои признанието за најдобар мажјак во својата раса.

Фото: Приватна архива

За кучињата од оваа раса велат дека се чувари на семејната среќа. Колку Макс ви го разубави секојдневието и дали повторно би вдомиле вакво куче?

– Сигурна сум дека сите сопственици на миленик го делат моето мислење, дека нема поубав дел од денот кога ќе си дојдете дома и знаете дека тие ве чекаат и ви се радуваат.

Макс апсолутно ми го разубавува секојдневието и, дефинитивно, повторно би вдомила куче од оваа раса, а исто така и би ја препорачала и на сите кои размислуваат да вдомат кученце.

Кој е Вашиот совет до сите оние што се заинтересирани да вдомат македонски паничар?

– Без размислување би им препорачала на сите што се заинтересирани да вдомат токму вакво кученце. Погодни се за чување особено во стан, мали по раст (до 10 кг), весели, лојални и приврзани за сопствениците. Не се преенергични и хиперактивни, но сакаат авантури и истражување, па лесно би се приспособиле на каков било животен стил.

Фото: Приватна архива

Повеќе на темата:

Запознајте го ежот Благица, најслаткиот домашен миленик во Македонија

Разговор со Александра Никушевска: Нала ме научи дека нејзината раса е полна со љубов

Интервју со Габриел Стибел, меѓународен судија за кучиња и за бавно пушење пури: Хедонизмот е филозофија, не е порок

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот