Интервју со Габриел Стибел, меѓународен судија за кучиња и за бавно пушење пури: Хедонизмот е филозофија, не е порок

Фото: Приватна архива

Ако за некој човек може да се каже дека е живописен, тоа е сигурно Габриел Стибел. Дизајнер на фонтани и градини, меѓународен кинолошки судија, еден од малкуте во светот со титулата All around (за сите раси кучиња), втор меѓународен судија во дисциплината бавно пушење пури (!), пасиониран колекционер на пури, запалки, шешири, бројаници, копчиња за манжетни, па и кабриолети, првиот македонски „Хедонист на годината“, човек чие семејно потекло е благородничко (па има и семеен грб), а корените се во длабокиот 13 век – накусо, човек кој сѐ работи од љубов и со страст и за кој денот би требало да трае 48 часа.

Фото: Приватна архива

Твоите интересирања се толку бројни, што е тешко да се определам од каде да почнеме. Сепак, како стана меѓународен судија за кучиња?

– Со кинологија почнав да се занимавам во далечната 1991 година, а мојата прва љубов е расата Германски овчар. Започнав да одгледувам Германски овчари, почнав да се натпреварувам, постигнав победи на моите кучиња на, државни и меѓународни изложби. Посетував специјализирани изложби и на Балканот и пошироко, особено каде што судеа германски судии од кои и многу научив за Германскиот овчар и севкупно за кинологијата.Кон крајот на 90-тите започнав да стажирам за кинолошки судија, за во 2004 година конечно да станам судија специјалист за расата Германски овчар. Во 2007 година го основав Македонскиот клуб за германски овчар, кој по моја иницијатива е зачленет во Светското здружение на клубови за германски овчари. Во Македонскиот клуб за Германски овчари ја извршував функцијата генерален секретар и водител на одгледување.

Потоа се посветив на сите раси, почнав да учам, да стажирам и да полагам испити и за другите раси, кои ги има 356 и се распоредени во 10 групи, во зависност од типот и нивната употреба.

Фото: Приватна архива

Спаѓаш во малиот број судии во светот кој има лиценца да ги суди сите раси на кучиња. Како одеше патот до овој статус?

– Откако положив за расата Германски овчар, неколку години чекавда почнам да судам, првата изложба која ја судев беше меѓународната изложба за сите раси на кучиња во Скопје, потоа го судев првото државно првенство за германски овчари во историјата на македонската кинологија, кое беше рекордно посетено со излагачи од неколку држави. Првпат во странство судев во Белорусија каде дојдоа руски излагачи кои беа задоволни од моето судење,па ме поканија во Русија, каде подоцна имам судено многупати. Потоа полагавза други раси кои ми донесоа покани за многу други судења во државитево регионот, но и во Унгарија, Молдавија, Русија, Белгија, Белорусија, Азербејџан, Казахстан, Бразил, Виетнам, Филипини, Тајланд, а во некои од нив и повеќепати.

Најдраги изложби кои сум ги судел ми се првото државно првенство за Германски овчари, Светското првенство за Шарпланинци, три државни првенства за македонско овчарско куче Караман и секако специјализираната изложба за германски овчари во Рума, Србија, каде сум единствен судија кој судел на оваа престижна изложба, а не е Германец.

На почеток секој судија кога ќе се стекне со лиценца станува национален судија, по одредено искуство во судење се стекнува со лиценца за меѓународен судија за оние раси, односно групи кои ги суди. All round или сестран судија за сите раси на кучиња станав во мај оваа година откако ја положив последната, десетта ФЦИ група. Во Македонија има 5 All round судии.Има многу судии кои доаѓаат од повеќе од 100 членки држави на Интернационалната Федерација за Кинологија ФЦИ, но All round сестраните судии се само одреден број од секоја држава.

Фото: Приватна архива

Кои основни карактеристики се ценат кај кучињата?

– На изложбите се суди анатомијата на кучињата по важечки стандарди, посебно пропишани за секоја раса. Правилните одлуки на судиите при судењето се од огромно значење за понатамошното одгледување на кучињата..Со години учествував во организација на изложби, предавања на тема кинологија. Сега сум член на стручниот совет при КСМ и водител на родовната книга,оној кој ги одобрува родовниците. Водител на родовна книга е најголема кинолошка титулакоја може да ја му се додели да ја извршува на еден судија. Благодарение на актуелното раководството, денес КСМ има сериозна организација на изложби и на се’ што е поврзано со расните кучиња.

Уште една активност (и страст) ти донесе уште една титула –втор меѓународен судија во бавно пушење пури. Што всушност значи оваа дисциплина?

– Точно, јас сум сертифициран судија и за „CSWC Cigar Smoking World Chempionchip“ – Светско првенство во пушење пури. CSWC е еден вид џентлментски спорт, каде љубителите на пури се натпреваруваат во дисциплина бавно пушење пури. Се пушат пури од светски познатиот бренд Роки Пател. Целта е пурата да се пуши колку подолго се може притоа да не се изгасне, па така натпреварувачите сакајќи пурата побавно да им гори не ја влечат. но таа така се гаси и тие испаѓаат од играта.Кога повеќепати вовлекуваат пурата побрзо гори, пламенот доаѓа до рингот – налепницата и тогаш играта завршува.Се мери времето до моментот кога жарот доаѓа до налепницата. Оној кој најдолго ќе пуши без да му изгасне пурата до налепницата, е победник на турнирот.

Фото: Приватна архива

Каде се одржуваат овие натпревари и како се здоби со ваков статус?

– Квалификациски турнири се одржуваат во 65 држави, а финалето се одржува секогаш во Сплит, Хрватска, одкаде потекнува творецот на овој интересен хедонистички спорт, господинот Марко Билиќ.Тој со години ги судеше квалификациските турнири во светот, за во 2020 година да се формира судиска организација во која членуваат судии од сите држави членки на CSWC. Јас и Марко Трендафилов, како искусни натпреварувачи и организатори на турнири, бевме предложени да полагаме за судии од страна на основачот Марко Билиќ. Ја имав честа да судам на првенството на Македонија во бавно пушење пури во 2021 година и со тоа станав вториот судија по основачот Марко Билиќ, бидејќи таа година квалификацискиот турнир се одржа првин во Македонија, а потоа во останатите држави. Оваа година ја имав честа да го судам Балканското првенство во бавно пушење пури.

Кои земји, освен Куба, се најпознати производители на пури?

– Културата за пушење е вековна, а води потекло од Јужна Америка.Со години синоним за пури беше Куба, но во последните 20 години најдобрите пури доаѓаат од Доминикана, Никарагва, Хондурас, Мексико, бидејки најдобрите ролери на пури имаат емигрирано од Куба во желба за подобар живот. Во минатото пурите беа привилегија само на високите слоеви на општеството, нивни промотери беа претседателите Кастро, Черчил, Тито, Кенеди и други, но денес веќе не е така – квалитетните пури се достапни и со добри цени во однос на квалитетот.

Која е тајната на добрата пура?

– За да се изработи една добра премиум пура потребни се 6 години и 200 двесте пара раце, се’ се прави рачно – од садење на тутунот, сушење ферментација, ролање (замотување) на пурите, па се’ до нивното пакување во дрвени кутии од шпански кедар или Окуме. Пурата е еден од најприродните производи кои се конзумираат бидејќи се составени само од тутун и вода. Правилното конзумирање на пурата е хедонистички чин, за кој се потребни знаења и искуство, затоа некогаш организираме настани каде новите пураши се стекнуваат со нови знаања и искуства.

Освен колекциите на пури, запалки, часовници, копчиња за манжетни, бројаници, твоја страст се и кабриолетите. Кажи ни повеќе за ова.

– Кабриолетите се мојата страст и пасија, заедно со мојата сопруга во викендите кога е времето сончево, со задоволство возиме со наши пријатели кои исто така имаат кабриолети. До сега многу пати сме возеле групно во нашата држава, а неколку пати и надвор од Македонија – вредно за спомнување е тринаесетдневното возење по Јадранската магистрала, при што посетивме 13 градови се’ до Трст Италија. Исто така сме ја возеле и Албанската ривиера како и некои градови во Србија. Од 2015 до денес успеавме да направиме „Barchetta Club Macedonia“(„Барчета“ е името на моделот на нашите кабриолети), кој има 22 члена, од кои 7 се редовни. Правиме неколку средби во текот на годината кога возиме групно, разменуваме искуства, стекнуваме нови пријателства.

Инаку, твое основно занимање е дизајн на градини и фонтани.Нашата јавност те знаепо емисијата за градини на ТВ Телма која со години ја водиш.

– Моето основно занимање е изработката на фонтани и уредување градини. Далечната 1991 година заедно со мојот татко Алојз ја регисгриравме првата специјализирана фирма за фонтани во Македонија со име „Алојз Фонтани Галерија Стибел“, која постои до ден денес. Имаме изработено стотици уникатни фонтани во специфичен автентичен натур стил, во приватни градини, станови, паркови и останати јавни површини. Нашите фонтани се изработени од природен камен, онаков како што го обработувала природата милиони години. Во 1999 година ја имавме првата групна изложба на минијатурни „Алојз Фонтани“ во Минхен, Германија, каде добивме и награда за најприродно дело. Во 2006 година ја направивме и првата изложба на минијатурни „Алојз Фонтани“ во КИЦ, со околу 30 дела, а една од овие фонтани заврши во Ватикан како подарок од Скопската католичка за одаите на Папата. Наши клиенти се повеќе познати личности од јавниот живот, како и вљубениците во природата.

Уредувањето на градините со години го работиме со мојот голем пријател Јовица Трајковски.Внимаваме да ја прилагодиме градината спрема потребите на сопствениците, работиме со најквалитетни материјали. Со текот на годинитеи искуството кое го стекнав, дојдов до идеја да направам и емисија за уредување на градини која оди веќе 14 сезона на ТВ Телма телевизија под наслов „Гарден Клуб Градини“, единствена на Балканот за хортикултурата. Му благодарам на тимот на „Гарден Клуб Градини“ и мојот соработник Раде Лешко за сите овие години во кои ја работиме емисијата, која има своја публика од различни возрасти.

Презимето Стибел доаѓа од Словенија, а корените на семејното стебло одат длабоко во историјата, дури во 13-тиот век. Раскажи ни накусо за таа семејна историја.

– Моето презиме Стибел доаѓа од мојот дедо по татко, кој е роден во Словенија, додека корените на фамилијата се од долината на реката Рона и народот наречен Валсер, кој во 10 век се населил во Северна Италија и ја основал населбата Формацца до Алпе Ствело.Инаку, планинскиот врв и премин Алпе Стивело го добил името според фамилијата Стибел, која била благородничка грофовија, грофовска средновековна фамилија. Благородничката титула ја добила како заслуга за изработка на квалитетни обувки, пред се чизми, за потребате на армијата и тогашното благородништво во Светото Римско Царство. Зборот Стибел во германскиот дијалект на народот Валсер во превод значи чизма. Со текот на годините фамилијата Стибел се населува во областа Фриули, Фурланија во Италија, потоа доаѓа во Ајдовчина Словенија, од каде што потекнува мојот дедо. Најголеми заслуги за истражувањата за фамилијата Стибел има писателката Татјана Малец, која восвоето обемно истражување посетила повеќе парохии во Германија, Италија, Словенија, во кои се чувани црковните книги за историјата и генетското стебло на фамилијата Стибел. Според истражувањето првите предци се појавуваат уште во тринаесетиот век. Истражувањето е публикуваносо институционални потврди и докази.

Како семејство твоите претци се здобиле и со благороднички статус, па имате и семеен грб.

– Истражувањето за фамилијарниот грб на фамилијата Стибел траеше 2 години потпомогнато со истражувањата на г-ѓа Татјана Малец, како и истражувањата на мојот брат Јосип Стибел и мојата братучетка Анита Ивковиќ со кои работевме заедно. Наидовме на уште две верзии на грбот, едниот е на огранок на фамилијата Стибел која денешно време живее во Малта, а за третиот нема информации за потеклото, но е со истите симболи како и другите два. Хералдичките симболи на грбот на фамилијата Стибел се штит со сина боја со златна чизма која го означува тоа што го работеле, изработувале чизми. Сребрен дабов лист кој означува долговечност и тевтонски крст во чело кој означува поддршка на христијанството, во долниот дел на штитот е сребрен клин кој ги симболизира Алпе Стивело, планинскиот врв од каде што потекнува семејството. Витешкиот шлем над штитот симболизира сила и моќ, неизбежен е на речиси секој средновековен грб. На шлемот стои бел гулаб со маслиново гранче кој го симболизира Светиот дух. Во основа, најбитен симбол е штитот со чизма кој го прави овој грб редок и автентичен. Оваа изведба на грбот е регистрирана во Македонското грбословно друштво и е грб на потомците на фамилијата Стибел која живее во Македонија.

Фото: Приватна архива

И за крај, пред три години беше прогласен за „Хедонист на годината“. На каква манифестција (или натпреварување) и според кои критериуми победи?

– Хедонист на годината е едно од 12 признанијата која се доделува во склоп на манифестацијата „Мажи на годината“ во оранизација на „Џентлмен Магазин“, која се одржува веќе петта година. Кандидатите за овие признанија се истакнати личности во своите професии, почитувани мажи, изградени ликови кои на различни начини се докажале и реализирале во животот и во општеството и се примери за успешни луѓе. Ја имав честа да бидам првиот маж „Хедонист на годината“, по предлог на тогашното жири. Моите активности поврзани со мојата работа, со фонтани и градини, емисијата за градини, патувањата поврзани со кинологијата, организирањето на хедонистичките пурашки средби, моите организаторски способности и општо моите сфаќања за животот, биле клучни кај жирито во изборот за маж хедонист на годината.

Хедонизмот е цела филозофија, многу луѓе не ја разбираат суштината на хедонизмот, па некои од нив мислат дека хедонизмот е порок. Хедонизмот честопати е поврзан со луксуз, што не мора да значи дека е така – хедонизмот е состојба на духот, можеш да станеш рано наутро и да уживаш во изгрејсонце пиејќи кафе, радувајќи се на новиот ден, и тоа е хедонизам. Хедонист си ако знаеш да уживаш во убавите нешта без да пречиш на некого и притоа никој да не страда поради твоето уживање.

Фото: Приватна архива

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот