Најскапо платена Северина во Крива Паланка – македонските општини потрошиле околу милион евра на пејачи
Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес
Општините во Македонија, од јануари до октомври годинава потрошиле 961 илјада евра на пејачи и на други забавувачи. Најскапо платена, годинава, е Северина, за која Крива Паланка издвоила 25 илјади евра. Сепак, според истражувањето, годинава најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра, за два настапа, во Берово и во Штип.
Препорачано
Лани, за оваа намена се потрошени 1 милион и 11 илјади евра, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за исплатите за трошоците на општините за забавни манифестации.
Бојана Скендеровски е најплатената домашна пејачка годинава, на која од Општина Неготино ѝ платиле 13.000 евраа. Втора на листата е поп-ѕвездата Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата“ добила 11.110 евра. Трет на оваа листа е Кирил Џајковски, кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество на манифестацијата Ревијална вечер на „Фолк-фест Валандово“.
– Минатата година, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил скоро 26 илјади евра. Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес. Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки. Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци – велат од Центарот за граѓански комуникации.
Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување некои празници (Нова година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, додаваат од ЦГК, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.
Истражувањето е направено според податоците добиени од општините врз основа на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.


