Најскапата латиноамериканска слика: „Диего и јас“ на Фрида Кало изложена првпат по 25 години

фрида кало
Познатото дело на Фрида Кало „Диего и јас“ / Фото: EPA-EFE/JASON SZENES

Култниот автопортрет на мексиканската уметница Фрида Кало, убедливо најскапата латиноамериканска слика во историјата, е изложена за првпат по 25 години во музејот во Буенос Аирес, Аргентина.

Автопортретот „Диего и јас“, кој Фрида Кало го насликала во 1949 година, беше купен во ноември минатата година на аукција во Њујорк, САД за рекордни 34,9 милиони долари. Досега, рекордот за највисока цена на дело продадено на аукција беше за латиноамериканска слика „Ривали“ од 1931 година на Диего Ривера која беше продадена во 2018 година за 9,76 милиони долари.

Сликата на Фрида Кало беше купена од бизнисменот Едуардо Костантини, аргентински колекционер и основач на Музејот на латиноамериканска уметност во Буенос Аирес. Од петок ќе биде најголемата атракција на изложбата „Трето око“, каде Едуардо Костантини ќе ја претстави својата приватна колекција.

фрида кало
Познатото дело на Фрида Кало / Фото: EPA-EFE/JASON SZENES

„Диего и јас“ е автопортрет на Фрида Кало, со нејзиниот карактеристично интензивен поглед, а нејзиниот сопруг, сликарот Диего Ривера, насликан на нејзиното чело над веѓите. Неколку солзи паѓаат од црните очи на Кало. Во тоа време Ривера бил близок со една позната мексиканска актерка, што била причина за болка за Фрида Кало, изразена во нејзината слика.

„За мене Фрида е уникатен уметник. Таа има драматичен живот кој го раскажува без срам, спонтано и отворено. Мислам дека тоа е токму она што луѓето го сакаат кај неа“, изјави во средата Едуардо Костантини за оваа икона на феминизмот која почина во 1954 година на 47-годишна возраст.

Изложбата ќе се состои од 240 дела, од кои многу јавноста не ги видела речиси триесет години. Така е и со сликата „Диего и јас“, која последен пат беше изложена во 1998 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот