Најмоќниот наркокартел пред крвав раскол: Синот на Ел Чапо го предал Ел Мајо во САД?!
Адвокатот на затворениот мексикански наркобос Ел Чапо ги отфрла извештаите дека синот на неговиот клиент го измамил Исмаил Замбада Ел Мајо, му поставил заседа, го киднапирал легендарниот бос на картелот Синалоа и им го предал на американските власти што чекале во САД.
Приказната за киднапирањето, без оглед дали е вистинита, веќе предизвика раскол во наркокартелот Синалоа, кој е најозлогласената, најмоќната и веројатно најбогатата криминална организација во светот, а е основана токму од Ел Чапо и Ел Мајо.
Американските власти објавија дека на територијата на Тексас пред една недела биле приведени и Ел Мајо и Хоакин Гузман Лопез, синот на Ел Чапо. Таа вест одекна како шок, бидејќи и мексиканските и американските служби половина век попусто го гонеа најозлогласениот светски криминалец и никогаш не успеаја да му ја откријат трагата. Локални медиуми во нови извештаи јавуваат дека Ел Мајо и синот на Ел Чапо всушност биле приведени откако со приватен авион слетале во Санта Тереза во сојузната држава Њу Мексико, близу пограничниот град Ел Пасо.
Весникот „Њујорк тајмс“ ја потврди верзијата на Франк Перез, адвокатот на Ел Мајо, дека неговиот клиент бил предаден од младиот Гузман, бил намамен во заседа и против неговата волја им бил предаден на американските власти. Тој наводно го напуштил своето скривалиште на планините Дуранго за да се сретне со Хоакин Гузман во Куликан, неофицијалниот главен град на картелот Синалоа. Таму го пречекале шестмина вооружени лица во воени униформи, го префрлиле во авион, му ги врзале нозете за седиштето и го истовариле во САД.
Мексиканските власти објавија дека за оваа верзија на настаните разбрале од медиумите и дека е отворена истрага за можни киднапирање. Претседателот Мануел Лопез Обрадор, сепак, потврди дека Хоакин Гузман Лопез преговарал со мексиканските власти за „доброволно предавање“.
„Њујорк тајмс“, пак додава дека американските власти дознале дека Ел Мајо ќе им биде испорачан само два часа пред да слета авионот во Санта Тереза.