Нагорно Карабах: Сите повикуваат на мир, но војната ескалира

Состојбата околу Нагорно Карабах се чини како многу сложена, а голем број експерти во светот сметаат дека и најмала провокација би можела да доведе до директен судир на Русија и Турција, што би значело и катастрофа за целиот регион.

Иако сите релевантни фактори во светот повикуваат на мир и преговори помеѓу завојуваните страни, сепак по целата линија на фронтот во самопрогласената република Нагорно Карабах се одвива непрекината размена на артилериски оган.

Азербејџанските воени сили се обидуваат да продрат и да ја повратат под контрола територијата, која ги спојува Ерменија и Нагорно Карабах, а која не ја контролираат уште од 1994 година. Но барем засега Азербејџанците не успеваат да го скршат отпорот на силите на непризнаената република формирана на Нагорно Карабах, иако интензитетот на борбите од ден во ден е се поголем.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ги негираше обвинувањата на Ерменија дека Турција активно учествува во вооружените конфликти во Нагорно Карабах. Претходно, ерменското министерство за одбрана објави дека турски борбен авион Ф-16 соборил ерменски борбен авион СУ-25. Авионот, според руските медиуми, се урнал во ерменскиот воздушен простор. Доколку се точни информациите за турското уривање на ерменскиот воен авион, тоа значи дека Турција е отворено вклучена во воениот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан, што драматично би го дестабилизирало регионот.

Военото решение не е опција

Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, изјави дека воено решение не е опција за конфликтот во Нагорно Карабах.

– Азербејџан треба да признае дека конфликтот во Нагорно Карабах нема воено решение. Долго време, азербејџанската влада спроведуваше антиерменска пропаганда и долго време се закануваше дека, спротивно на сите меѓународни повици, планира да го реши проблемот со Нагорно-Карабах насилно – нагласи Пашинјан.

Тој додаде дека се надева дека сега, кога, како што рече, не успеа да ги спроведе плановите на неговото воено раководство, Азербејџан ќе сфати дека конфликтот во Нагорно Карабах треба да се решава по дипломатски пат. Премиерот смета дека спорот околу територијата, која прогласи независност од Азербејџан во 90-тите години на минатиот век и во која Ерменците се мнозински народ, треба да се бара преку преговори под покровителство на копретседавачите на групата Минск на ОБСЕ.

Руската војска засега е неутрална

Во Ерменија опстојуваат и две поголеми руски воени бази, но руските војници засега не се инволвирани во конфликтот. Пашинјан смета дека руските трупи и натаму треба да останат во базите, кои се стационирани во непосредна близина на границата со Турција, иако Ерменија според договорот со Руската Федерација има право да побара воена помош.

– Претседателот Путин и јас не разговаравме за можна руска воена интервенција во Нагорно Карабах. Покрај тоа, во моментов не треба да го користиме потенцијалот на 102-та руска база, иако, доколку е потребно, тоа може да се случи затоа што има законска основа за тоа – изјави ерменскиот премиер.

Состојбата околу Нагорно Карабах се чини како многу сложена, а голем број експерти во светот сметаат дека и најмала провокација би можела да доведе до директен судир на Русија и Турција, што би значело и катастрофа за целиот регион.

После цели 26 години Ерменија и Азербејџан повторно влегоа во војна, што е причината сега да завојуваат?

АНАЛИЗА: Кој би победил во војната меѓу Азербејџан и Ерменија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот