После цели 26 години Ерменија и Азербејџан повторно влегоа во војна, што е причината сега да завојуваат?

После неколку месеци на спорадични пресметки на eрменско-aзербејџанската граница околу спорниот регион на Нагорно – Карабах, двете држави влегуваат во отворена војна, после цели 26 години, од 1994 година кога беше потпишано примирјето меѓу двете држави.

Ерменија прво прогласи вонредна состојба во неделата, откако го обвини Азербејџан за артилериски напади, и притоа се пофали дека ерменските вооружени сили собориле непријателски хеликоптери и уништиле неколку тенкови.

Нагорно-Карабах / 28 септември 2020 / Фото: ЕPA-EFE / HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев веднаш возврати со закана дека неговата земја ќе ги врати сите окупирани територии, мислејќи на спорниот регион кој е признаен како дел од Азербејџан од меѓународната заедница но е контролиран од етнички Ерменци.

Европската унија, Русија и Иран ги повикаа двете земји на смирување на тензиите, додека Турција отворено стои на страната на Азербејџан и порачува дека Ерменија ќе плати скапа цена за секоја агресија.

Зошто војната се врати токму сега?

За конфликтот во Нагорно – Карабах се слушаше интензивно во 90-тите години од минатиот век, паралелно со војните во екс  Југославија. Тој конфликт беше гледан од светот на ист начин како и балканските војни, последица од распадот на бившиот Советски сојуз, нуспродукт на создавањето на нови држави среде несредените меѓуетнички прашања. Но, вистинското прашање е што се случи токму во овие месеци за двете држави повторно да прогласат директна воена состојба.

Треба да се знае дека Азербејџан воден од автократот Илхам Алиев речиси цела деценија се вооружува со забрзано темпо. Освен вооружувањето кое традиционално се купува од Русија, официјален Баку купи и најсовремени израелски дронови, од кои еден е веќе урнат од Ерменските сили. Алиев не криеше во изминатите години дека е незадоволен од замрзнатата состојба околу преговорите за регионот и ги обвини ОБСЕ кои го надгледуваат примирјето дека не прават никакви напори за решавање на проблемот.

Ескалација на конфликтот во Нагорно Карабах: Стотици загинати ерменски војници (ВИДЕО)

Алиев веројатно и оправдано заклучи дека немањето на решение оди во прилог на Ерменија. Но оваа година се случи и корона пандемијата. Тоа влијаеше на драматичен пад на цените на нафтата и гасот, еден од главните извозни продукти на Азербејџанската економија и главен мотор за модернизацијата на вооружените сили. Се чини дека една мала „победоносна” војна во овие моменти би го подобрила јавното мислење за Алиев кој е погоден од економска криза во неговата земја и честите коруптивни афери.

Прочитајте и...  Тактика во борбата со ковид-19: Германската влада ќе инвестира 500 милиони долари за подобра вентилација во јавните згради

Ерменија од друга страна нема голема причина за почнување војна, бидејќи после „кадифената револуција” во 2018 земјата направи серија на реформи во насока на подобрување на човековите права, слободата на говорот, правосудниот систем и борбата против корупцијата. Двајца поранешни претседатели се под истрага, додека повеќе министри се во затвор или во бегство во Русија. Земјата работи на промена на уставот и е фокусирана на домашни проблеми, нема голема причина за започнување на војна против Азербејџан чии вооружени сили се поподготвени за конфликт од порано. И се разбира, Ерменија де-факто го контролира Нагорно – Карабах, нема потреба да војува за него.

Регионална борба за превласт

Друг важен фактор кој влијае врз азербејџанскиот претседател токму сега да покаже заби е засилената воено-политичка активност на неговиот главен подржувач, Турција на Реџеп Таип Ердоган. Турската агресивна интервентна политика на блискиот исток и Северна Африка, од Сирија до Либија, го мотивираа Алиев конечно да тргне и да ја заокружи територијалната целовитост на Азербејџан. Можно е Алиев решението за својот проблем да го гледа и во стратегија на намерна дестабилизација на Јужниот Кавказ, со што спорот околу Нагорно – Карабах повторно ќе се врати во видокругот на меѓународната заедница и така ќе мора да се изнуди решение.

Турција ја предупреди Ерменија, дека секој напад на Азербејџан скапо ќе го чини Ереван, во исто време Анкара понуди и воена помош на Баку. Неофицијални информации говорат дека Турција во овој случај ја пресликува својата либиска стратегија, и при тоа префрлува илјадници борци од милитантните формации кои Анкара ги контролира во Сирија, а кои се релативно неактивни бидејќи владее примирје во договор со Русија во провинцијата Идлиб.

„Ако биде потребно ќе бидат повикани резервистите“: Што точно значи воена состојба?

Главен подржувач на Ерменија пак е Русија, која сепак се труди да не се стави толку директно на страната на Ереван во конфликтот, но Москва има воена база и илјадници војници во Ерменија. Речиси е сигурно дека на првите борбени линии има руски инструктори кои помагаат на ерменската војска да се спротистави на азербејџанската армија на линијата на раздвојување. Но за разлика од Турција, руската позиција во конфликтот е покомплицирана, бидејќи освен што продава оружје на Азербејџан, Русија се обидува да го подрие НАТО и преку продавање на противоздушниот систем С-400 на Турција, што предизвика жестока реакција на Вашингтон. Сега како посредник во преговорите се нуди Иран, но за тоа постојат мали шанси бидејќи сигурно нема да биде дозволено од Турција која гледан регионален ривал во Техеран. Многу е поверојатно дека во смирување на состојбата ќе се вклучи ОБСЕ преку групата од Минск во која копретседавачи се САД и Русија.

Прочитајте и...  Бројот на починати од Ковид-19 во Белгија се зголеми за 90 отсто за една недела

Азербејџан како енергетски коридор меѓу Европа и Азија

Главен енергетски проект на Азербејџан во моментот е „Јужниот тек” со кој мрежа од три цевоводи ќе го транспортира гасот од Азербејџан преку Грузија и Турција до Западна Европа. Со овој проект ЕУ планира да стане помалку зависна од рускиот гас со што Азербејџан доби статус на енергетска артерија која ќе ги поврзува економиите на Азија и Европа без надзор на Москва.

Дел од цевките на овие гасоводи поминуваат и блиску до Нагорно – Карабах па тоа создава и еден од мотивите на Русија за разгорување на конфликтот. Во изминатите децении Русија има продадено оружје на Азербејџан во вредност од десетина милијарди долари, почнувајќи од тенкови, противвоздушни системи и авиони. Продажбата на руско оружје на Азербејџан е голем проблем за Ерменија, која го има поставено и како прашање во Организацијата на договорот за колективна безбедност, каде земјата членува заедно со Русија. За ерменските преставници било апсурдно земја членка на договорот да продава оружје со кое се загрозува друга членка.

Кој е подготвен за судирот меѓу Азербејџан и Ерменија – Едната страна има драстично повеќе војници

Од друга страна САД се однесуваат доста порезервирано во конфликтот, Вашингтон формално ги повика двете страни на воздржаност и на почитување на примирјето, но атипичната надворешно политичка стратегија претседателот Трамп повторно создава привид на новиот „изолационизам” на САД. Но сепак треба да се земе предвид дека претседателот Трамп се подготвува и за избори за еден месец и затоа нема да превзема порадикални чекори, особено не за регион за кој во моментот неговата земја нема витален интерес.

Прочитајте и...  Бензините од полноќ поевтинуваат за половина денар, дизелот останува со иста цена

Ерменското министерство за одбрана сега вели дека земјата ќе ги употреби сите оружја кои ги има во борбата со Азербејџан, вклучително и авионите СУ-30 СМ, кои се набавени од Русија. Во исто време Ереван соопшти дека 16 војници загинаа а 100 се ранети во судирите. Во оваа фаза сега се можни неколку сценарија за идниот развој на настаните. Најпесимистичко е да се случи општа војна меѓу двете држави која би се водела околу спорниот регион но со пошироки импликации врз териториите на Ерменија и Азербејџан. Друга можност е да продолжи конфликт со посилен интетнзитет, но со локално дејство на линијата на раздвојување и трета опција е да се случи посилен ангажман на меѓународната заедница за седнување на двете страни на преговарачка маса. Судејќи според ескалацијата на настаните и агресивната реторика на Ереван и Баку, веројатно е дека судирите околу Нагорно – Карабах ќе продолжат во наредните денови и недели. Прашање е дали модернизираните Азербејџански воени сили ќе можат да остварат стратегиска предност над добро укопаната Ерменска војска во спорниот регион, пред се поради теренската предност на бранителите. Но затоа Азербејџан би успеал да ја оствари целта за нови, интензивни преговори за спорните територии и разбивање на статус-кво ситуацијата.

Поврзани вести

Армијата на Чешка започна да гради привремена полска болница во Прага (ВИДЕО)

Пензионерите излегоа на протест и контрапротест против Лукашенко (ФОТО+ВИДЕО)

Отворен памптрак велодром во вториот дел од Градскиот парк (ФОТО)

Слободен печат

СЗО со порака до властите: Ставајте ги контактите во изолација (ВИДЕО)

Слободен печат

Таравари: Ако на локалните избори ДУИ коалицира со СДСМ, ние ќе коалицираме со ВМРО-ДПМНЕ

Слободен печат

Единаесет лица ја загубија битката со коронавирусот во Грција, 438 новозаразени

Слободен печат

Остави Коментар