Надлежните од Клинички центар „мува не ги лази“ за кифлата од 8 сантиметри

Ѓорги Петрески вработен на Универзитетската Клиника за неврохирургија предизвика огромни реакции во јавноста откако на социјалните мрежи објави каква храна добива тој и неговите колеги на дежурство. Храната на Клинички центар се набавува исклучиво и само преку Службата за општи и заеднички работи раководена од Мирсад Ибраими. „Слободен печат“ се обрати до Ибраими и прашавме дали храната за докторите и пациентите се разликува, дали сите клиники го добиваат истото мени за јадење, но и му ја посочивме поплаката на Петрески кој работи на неврохирургија, според кого храната е супстандардна и недоволна за обврските што ги имаат лекарите и другиот медицински персонал што им помагаат на најтешките пациенти. Приготвувањето и доставата на храна ја врши друштвото ХАЦАТ Д.О.О Скопје, а за персоналот се подготвува посебна храна.

Од Службата добивме одговор дека „не коментираат написи од социјалните мрежи, а ако некоја клиника официјално има забелешки тие веднаш се отстрануваат“.

Вработениот на Универзитетската Клиника за неврохирургија смета дека она што им се сервира за јадење на работа е понижување на медицинскиот персонал.

„Знаете што е понижување на медицински персонал? Знаете зошто ќе не лекува Цацко за 5 години ?
Ако се прашувате како не третираат, еве вака! Дежурен цела ноќ од 20 до 8 часот. Кралица на медицината била хирургијата, а титулата ја добила по тежина на пациентите и негата околу нив од нас професионалците што треба да им ја дадеме. И да, така е. Еве јас имам 28 исклучително тешки пациенти оперирани денеска и излезени од интензивна нега, а веќе имам и два итни приеми од другите градови затоа што ние ја покриваме буквално целата држава. Е сега да ја видиме нашата вечера и колку се грижат за нас, кои треба да се грижиме за сите вас и вашите блиски. Еве ова е таа една ама висококалорична кифла од 8 сантиметри со наградна игра внатре во неа а се вика „најди го сиренцето“. Јас имам среќа па неколку пати го имам најдено, навистина има урда внатре верувајте ми, со свои очи ја имам видено. Германијо чекајте не, утре уште еден автобус со медицински персонал тргнува натаму и така секој ден по еден“, напиша тој и ја објави фотографијата од кифлата што му била дадена за вечера.

Во сите Универзитетски клиники и Институти кои се во склоп на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, се доставува храна за дежурни доктори, сестри, болничари и помошно технички персонал, согласно нивните требувања за оброци. Исклучок единствено е Институтот за трансфузиологија.

-Постојат над 32 видови на диети за пациентите, па секоја клиника требува храна односно диета зависно од симтоматологијата и специфичните потреби на пациентите, односно болеста. Јавната установа е секогаш отворена за сите предлози и забелешки кои ќе придонесат за подобрување на нашето работење, одговорија од Службата за заеднички работи на Клинички центар за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот