Набрзина собрана работна група сега ќе го спречува насилството врз жените, денес била првата седница
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска учествувале на првиот состанок на Работната група за подготовка на итни законски измени насочени кон подобрување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, напиша Велковски на социјалните мрежи.
Препорачано
-Работната група е формирана согласно заклучоците од Итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Во работата на групата се вклучени претставници од повеќе институции, Министерствата за социјална политика, демографија и млади, за внатрешни работи, здравство, образование и наука, Министерството за правда, судството, академската заедница, граѓанскиот сектор и други надлежни институции и организации кои со својата работа или делокруг на надлежности имаат поврзаност со проблематиката, односно работата со насилство врз жени и семејно насилство, вели Велковски.
Ова се случува под притисок на јавноста, десетина дена откако таа беше потресена од страшната трагедија во скопската населба Тафталиџе, каде мајка се фрли од зграда заедно со шестгодишната ќерка, откако двете со години трпеле брутално семејно насилство од сопругот и татко на девојчето.
Сега, работната група преку измени и дополнувања на повеќе закони „ќе бара начини да се подобри практичната примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите“.


