На „Скопско лето“ беше промовирана стихозбирката „Побег на нештата“ од Љерка Тот Наумова

Во рамките на манифестацијата „Скопско лето“ на 11 јули се одржа промоција на збирката поезија „Побег на нештата“ од поетесата Љерка Тот Наумова. Издавач на книгата е книгоиздателството „Ми-Ан“ од Скопје, а промотор на збирката беше Марина Мијаковска.

– Љерка Тот Наумова е истакната поетеса која зад себе ни оставила вкупно деветнаесет стихозбирки. Оваа дводомна авторка (родум од Хрватска, а живее во Скопје) подеднакво твори на македонски и на хрватски јазик.

Стихозбирката „Побег на нештата“ го сублимира поетскиот здив преку ваков метафоричен наслов. За каков побег пее поетската душа? Тоа е првото прашање што ни доаѓа спонтано кога ќе го слушнеме насловот. Која е потребата на поетесата да го опева бегството, побегот? Во претходните стихозбирки таа беше инспирирана од тишината, а сега дали бегството е од светот и е повторно враќање кон тишината?

Одговорот што ќе го најдеме низ страниците и песните сублимирани во книгата е дека побегот на нештата значи катарза. Денес во овие тегобни времиња како да ни бегаат нештата од рацете, како да ја губиме контролата врз животниот тек. Непредвидливоста, дисхармонијата и дистопијата се главен именител на денешната непредвидлива егзистенција.

За поетесата Љерка светот стана состојба на превривање на кризните состојби, а за индивидуата единствен спас од лошите вести, цензури, санитарни закони, итн. е побегот кон нештата. Поезијата е длабоко емотивна, лична и рефлексивна. Постои равенство меѓу Јас поетесата Љерка и Јас на лирскиот субјект во поезијата. Авторката од свој внатрешен агол ги истресува внатрешните состојби и опстојби, таа ги исфрла од бунарот на осамата негативните емоции што ги чувствува кон светот.

Лирскиот субјект од оваа книга е збунет, разочаран, гневен, уморен од немоќта како индивидуа наспроти бучниот и загаден свет од забрани. Затоа лирскиот субјект копнее за бегството во поетскиот микросвет и се свртува кон самиот себе и сопствената внатрешност – забележа Мијаковска.

Фотографија: Марија Чедомировска

Авторката Љерка Тот Наумова на промоцијата се потсети на стих кој вели дека „радоста секогаш е поголема кога ќе се подели со други луѓе“, изразувајќи благодарност до сите присутни на промоцијата на нејзината нова книга.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот