На определено време да се работи до 6 месеци, плата да се прима порано

Работници, Фото: СП. архива

Стопанската комора се испаничи од предложените законски измени и достави барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, законодавниот дом да не ги усвои и за нив да се развие широка дебата

Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, во Собранието ги поднесоа измените на Законот за работни односи по скратена постапка. Во законските измени се предлага на определено време, место како досега до 5 години, да може да се работи само до 6 месеци, а плата наместо до 15-ти во наредниот месец, да се зема до 5-ти наредниот месец.

„Гледано во национален контекст, законодавството значително отстапува од намерата за обезбедување сигурност на работниот однос бидејќи предвидува значително долг период од 5 години, како максимална горна граница за склучување договори за вработување на определено работно време. Ваквата ситуација се покажа во практика дека е подложна на манипулативно однесување од работодавачите, кои еднострано ги штитат своите интереси, за сметка на интересите на работниците, кои речиси и да не можат да обезбедат трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време, во целокупниот нивен животен работен стаж“, пишува во предлог- законот.

Со цел да се зголеми продуктивноста и сигурноста, се предлага и побрзо добивање на парите за сработеното.

„Сегашното законско решение отстапува од намерата за обезбедување сигурност на работниот однос бидејќи предвидува значително долг период од 15 дена по изминување на исплатниот период, како краен рок работникот да ја добие својата плата. Ваквата ситуација се покажа во практика дека е подложна на манипулативно дејствување од работодавачите и штетна особено за работниците вработени во приватниот сектор“, објаснуваат предлагачите на Законот.

Предлогот за измените на Законот, го вклучи црвениот аларм кај Стопанската комора на Македонија, од каде што доставија барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, законодавниот дом да не ги усвои предложените измени и дополнувања на ЗРО.

„Најголемата и најбројна бизнис-заедница укажува дека Законот за работни односи е комплексен закон (устав за работниците), за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување во скратена постапка“, соопштија од Стопанската комора.

Претставниците на компаниите, и покрај подолготрајната дебата во јавноста во врска со должината на работата на определено работно време, се против предложените измени.

„Претставниците на компаниите посочуваат и дека фактот дали вработувањето е на определено или неопределено време, воопшто не влијае од аспект на остварување на правата од работен однос. Вакво или слично решение како предложеното не може да се сретне ниту во земјите во регионот (на пример, во Србија договорот на определено време може да трае до 24 месеци, во Хрватска до 3 години итн.), ниту пак пошироко во Европа“, соопштија од Стопанската комора потенцирајќи дека ова е став во име на нивните членки, кои обезбедуваат 50,3 проценти од приходот, 47,6 проценти од нето-добивката и каде што се 33,7 отсто од вработените во приватниот сектор.

Работата на определено време, пак, во ковид-кризата ја откри својата темна страна. Работодавачите, кога им се намалија приходите, едноставно во голем дел престанаа да им ги продолжуваат договорите за работа на вработените по истекот на нивниот договор за работа. На тој начин тие беа оневозможени да се жалат за неоснован прекин на работата, а не можеа да бидат и во онаа група работници што ќе останат дома во случај на „виша сила“ и кои според Законот добиваат 50 отсто од платата, или пак во онаа група што не оди на работа од „деловни причини“ на компанијата и која зема 70 проценти од својата плата.

Се изигрува и рокот од 5 години

Како што е познато, веќе три години се работи и на сосема нов закон за работни односи. Во овој долг период се пеглаат ставовите меѓу Владата, работодавачите и Синдикатот. Според Сојузот на синдикати на Македонија, тие бараат законскиот рок за работа на определено работно време да биде најмногу до 1 година, а работодавачите би се согласиле на рок до 3 години.

– Дури и овој рок на определено работно време до 5 години се изигрува, така што во практика се соочивме и по петтата година, некој работник да се држи на определено време, така што ќе му се смени работното место, ќе му се направи преквалификација… – објаснија од ССМ.

Ваквото изигрување на законот, пак, на некој начин е овозможено со самата законска регулатива. Во член 46 од Законот за работни односи пишува: „Договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење исти работи, со прекин или без прекин до пет години“. Тоа „исти работи“ е мета за можни злоупотреби, потенцираат од Синдикатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот