На Клиниката за ортопедија кај 12-годишно дете извршена трансплантација на коска од донатор
На Клиниката за ортопедија извршена е уште една трансплантација на коска од донатор. Интервенцијата е извршена кај 12-годишен пациент, кој е претходно опериран поради деформитет на левото стапало со користење шраф. По повторна појава на деформитетот, се одлучи да се извади ставениот шраф и да се замени со трансплант од донатор кој дава подобра и постабилна корекција, информираат денеска од Министерството за здравство.
Препорачано
Оттаму додаваат дека пациентот бил испишан во гипсена имобилизација и по шест недели ќе започне со процес на рехабилитација.
– Оперативната интервенција ја изведе проф. д-р Зоран Божиновски со својот тим, асистенти Теодора Божиновска, Симона Карапанџевска, анестезиологот Јадранка Зафировска со анестетичарот Златка Апостолова, инструментарката Билјана Тројановиќ и помошен персонал Костадинка Вучковиќ и Сејнур Идриз. Сакам да изразам благодарност и почит на медицинските работници и сите чинители кои учествуваат во процесите на трансплантација – изјави доктор Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Кузмановска додава дека нивната цел е зголемување на свеста за органодарителство, „како највисока и најблагородна форма на хуманизам, што е возможна само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донаторите“.


