На јубилејниот „Астерфест“ наградата „Астер“ му беше врачена на режисерот Милчо Манчевски
Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ со разновидна и возбудлива програмска селекција во своето јубилејно издание се одржа од 4 до 8 август во Струмица.
Препорачано
Жирито на 20. „Астерфест“, составено од филмските автори Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов, едногласно ја донесе одлуката за наградите за овогодишните филмови кои беа во натпреварувачката селекција.
Гран-при за најдобар краток филм доби холандскиот „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам. „Златна потковица“ доби македонскиот филм „Избор“ на Марко Црногорски. „Сребрена потковица“ доби полско-францускиот „Сок од портокал“ на Александар Атане. „Бронзена потковица“ доби францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадун и Софијан Шуеб.
Наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ ја доби хрватскиот „Самотија“ по сценарио на Боби Грубиќ и Миро Гавран. Наградата за најдобар режисер „Ацо Алексов“ ја доби швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов.
Специјални признанија од жирито добија македонскиот „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска. Наградата од публиката ја освои британско-полскиот „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер.
Во текот на фестивалските денови, гостите имаа филмска посета на Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, а во „Јуроп хаус“ се одржа и промоција на новото коло од едицијата со филмолошка и уметничка литература, на која зборуваа Зоран Стефановиќ, Мимоза Рајл, Сузана Мицева и Софија Тренчовска.
Пред самиот крај на Фестивалот, режисерот и сценарист Милчо Манчевски, лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм, на сетот од снимањето на филмот „Збогум, Копакабано“, ја прими наградата од основачот и директор на „Астерфест“ Горан Тренчовски.
Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ оваа година се одвиваше под мотото „Филмски крстопати“ и беше поддржан од Општина Струмица.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 294, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.8.2025)


