На еден студент просечно по една банана месечно

Фото: Википедија

Секоја година има се помалку студенти во студентските домовите, а дел од факторите што придонесуваат за ваквата состојба се инфраструктурата и квалитетот на домувањето, покажува анализа на Младинскиот образовен форум.

По една – помала! – банана месечно му следувала на секој студент од Државниот студентски дом – Скопје во чиј состав влегуваат домовите „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски Питу“. Ова го покажа анализата на јавните набавки во студентските домови што ја спровел Младинскиот образовен форум. На студентите што престојувале во трите домови од 2015 до 2018 година им следувале по килограм и половина месо месечно, и по помалку од два литра млеко и јогурт. За подготовка на оброците се трошеле по 61 денар дневно.

„За скромните трпези на студентите најдобро говори податокот дека во трите дома годишно се купувале по 4.000 килограми банани, што значи дека студентите можеле да добијат само по една банана во текот на месецот“, стои во резимето од истражувањето. И овошниот јогурт бил луксуз за менито во студентските мензи – го добивале само два-трипати во годината. „Согласно пакувањето на киселото млеко произлегува дека на секој трети студент му следува по едно канче кисело млеко“, пишува во наодите.

Авторите на анализата Мартина Илиевска и Петар Барлаковски утврдиле дека двојно повеќе пари во студентските домови се трошат на плати за вработените, отколку за јадењето во мензите. Секоја година има се помалку студенти, главно поради лошата инфраструктурата и квалитетот на домувањето. Податоците покажале дека иако бројот на студенти опаѓа, бројот на вработени или е ист или се зголемува!

Од 2002 до 2015 година во домовите избувнале четири пожари, паднал таван, се откачил лифт и биле поплавени некои делови. Во студентските домови во Скопје сместени се 2.500 студенти.

Државата ќе им плаќа топол оброк

Пред пратениците од Комисијата за финансирање и буџет вчера требаше да се најде предлог-законот за субвенциониран студентски оброк, со кој се предвидува државата дневно да исплаќа 120 денари за оброк на студентите од државните и приватните факултети. Ако добие „зелено светло“, тогаш секој студент преку мобилна апликација или дигитална картичка, од понеделник до петок ќе може да пазари храна во точно определени фирми во износ од 2.400 денари месечно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот