На денешен ден е починат Хит Леџер: Редок талент чија длабока посветеност и денес живее
Денеска се навршуваат 18 години од смртта на австралијанскиот глумец Хит Леџер, кој почина на само 28-годишна возраст од случајно предозирање со препишани лекови во својот дом. За успесите кои ги постигнал во својата релативно кратка кариера се зборува до ден-денес. Тој е најдобро познат по својата улога како Џокер во филмот „Темниот витез“ (The Dark Knight), за која му е постхуморно доделен и првиот и единствен Оскар. Дали оваа макотрпна улога придонесе за раната смрт на легендарниот актер?
Препорачано
Желба за глума од училишните денови
Леџер е роден на 4 април 1979 година во Перт, Австралија, каде што е и израснат. Од мали нозе покажал интерес за глума во училишните претстави, а професионалната кариера ја започнал на 17-годишна возраст кога одлучил да го заврши школувањето порано и да се пресели во Сиднеј.
Низ 90-тите, тој прифаќа најразлични улоги во телевизиски сапуници и споредни, мали улоги во филмови. Неговиот прв значан филм е „10 работи што ги мразам кај тебе“ (10 Things I Hate About You), од 1999, романтична комедија со Хит во главната улога. Со овој филм, неговата кариера навистина отскокнува.

Долга низа успеси и признанија
Покрај желбата на Холивуд да го задржи Леџер како „тинејџерски срцекршач“ поради неговата улога во романтичната комедија, тој сепак одлучува да се насочи кон посериозни улоги. Во 2000-те години тој глуми во „Патриотот“ (The Patriot), „Приказната за витезот“ (A Knight’s Tale), „Ред“ (The Order), „Касанова“ (Casanova), „Лордовите од Догтаун“ (Lords of Dogtown) и многу други.
Неговиот редок талент и длабока посветеност на својата работа му носи многу почит од своите колеги, а заедно со неговиот привлечен изглед, тој станува млад актер со кој сите сакале да соработуваат.
Сепак, најголемо признание дотогаш му носи драма филмот „Кршенгрб планина“ (Brokeback Mountain), во која го игра ранчерот Енис Дел Мар. За својата глума тој за првпат добива многубројни награди, меѓу кои и неговата прва номинација за Оскар.
– Величествениот настап на Леџер е актерско чудо. Се чини дека овој настап го искинал одвнатре. Леџер не само што знае како се движи, зборува и слуша Енис, тој знае и како дише. Гледањето како го вдишува мирисот на кошулата што виси во плакарот на Џек е мерење на болката од изгубената љубов – напишал критичарот Питер Траверс за „Ролинг Стоун“.

На филмскиот сет на „Кршенгрб планина“ тој, исто така, се запознава со Мишел Вилијамс, во која се заљубува и тие заедно ја дочекуваат нивната ќерка на 28 октомври 2005 година. Тој го опшува нејзиното растење како „најневеројатното искуство во мојот живот“.
Мишел и Хит се разделиле во 2007 година, кога Матилда имала две години. Во овој период постоеле шпекулации дека ја вознемирува неговата употреба на дрога, што не било потврдено во тоа време. Во секој случај, тие останале блиски пријатели до крајот на неговиот живот.
Медиумите често збореле за борбата на Леџер со злоупотреба на супстанци, но неговиот публицист секогаш тврдел дека извештаите за наводната употреба на дрога од страна на Леџер биле неточни.
Последиците од „оживувањето“ на Џокер
Кристофер Нолан одлучува да го избере Хит Леџер за својот Џокер во „Темниот витез“, вториот филм од неговата „Бетмен“ трилогија, а актерот го даде секој атом од своето битие за да го оживее овој лик на најдобар можен начин.

Во интервју за „Њујорк тајмс“, Леџер изјавил дека често не можел да спие кога преземал улоги и дека улогата на Џокер му предизвикувала вообичаена несоница.
– Минатата недела веројатно спиев во просек по два часа. Не можев да престанам да размислувам. Телото ми беше исцрпено, а умот сè уште ми работеше – вели тој.
Дополнително, пред неговото враќање во Њујорк од неговата последна филмска задача во Лондон, во јануари 2008 година, тој страдал од некаков вид респираторна болест. Наводно постојано се жалел дека продолжува да има тешкотии со спиењето и дека зема апчиња.
Покрај сето ова, никој не ја очекуваше шокантната вест што ја објавија американските медиуми на 22 јануари 2008 година: дека Хит Леџер е пронајден мртов.
Прерана неочекувана смрт
Откако Леџер бил пронајден во неговиот стан почнале да се шират шпекулации дека станува збор за самоубиство. Сепак, неговите пријатели веднаш ги отфрлиле овие шпекулации, особено поради својата двегодишна ќерка.
Познато е дека на Хит му биле препишани лекови за несоница, но многумина наскоро почнале да ја обвинуваат Мери-Кејт Олсен, блиска пријателка на Хит, која наводно го запознала со дрога, а се откри дека тој ја повикал трипати ноќта кога починал.
Сепак, токсиколошкиот извештај покажал дека количината на лекови пронајдена во неговиот систем била премала за да го убие, а имало и индикации дека Хит доживеал срцев удар.
Таткото на Хит рекол дека Хит разговарал по телефон со една од неговите сестри ноќта пред да почине и дека таа се обидела да го убеди да не ги земе лековите што ги земал за несоница. Сепак, Хит инсистирал дека е добро.
Неговиот последен филм, кој се уште се снимал кога починал, „Имагинариумот на доктор Парнасус“ (The Imaginarium of Doctor Parnassus), бил завршен по смртта на Леџер.
По неговата смрт, Леџер постхумно беше награден со Оскар за најдобра споредна машка улога за неговиот морничав, френетичен приказ на Џокерот. Златната статуетка е поклонета на неговата ќерка.


