На 22 август на „Скопје колинг“: Ник Кејв со својата мистична длабочина ќе се претстави пред македонската публика
Легендарниот австралиски музичар, поет, писател, композитор и генијален уметник, Ник Кејв ќе го одржи долгоочекуваниот концерт на 22 август на стадионот АРМ, кој е дел од овогодинашното издание на фестивалот „Скопје колинг“, во организација на „Авалон продукција“.
Препорачано
Кејв со својата мистична длабочина, доаѓа во Скопје со своите песни, да ја испее и отсвири, и со тоа да ја испише најинтимната и емотивно најискрената страница во богатата книга на светската концертна историја на Македонија.
На прес-конференцијата што се одржа денеска по повод концертот се обратија Бобан Милошески, сопственикот на „Авалон“ продукција, Љубиша Петрушевски, Горан Путица, Ненад Георгиевски и Дијана Петрова.
– Искрено, јас 20 години се обидувам крваво да го донесам Ник Кејв во Македонија. Единствено што сум се борел крваво со брат ми е да го донесеме Боб Дилан во Македонија. Лично доаѓањево на Ник Кејв во Македонија, како мој современик, којшто го следам од 90-та година интензивно, е нешто најзначано во кариерата на „Авалон продукција“ – рече Милошески.

– Човекот веќе две години свири барем по 50-60 концерти во оваа соголена форма, која според мене приватно повеќе ми се допаѓа во оваа форма наместо во некоја друга форма. Ник Кејв се вложува физички на овие концерти иако е со клавир како да е со бенд. Во другите сали е 99 отсто со седење, ама ние немавме прикладна сала за седење, и организацијата рече дека на Ник повеќе ќе му се допадне овој простор со стоење во зеленилото, отколку на некои амфитеатри – додаде Милошески.
Милошески истакна дека кај Кејв има една чудна промена и на неговите концерти има неверојатна интеракција со говор на телото, со целата публика.
– Да може да ги прегрне и да ги бакне сите и да се исплаче со сите, тој со сите би го направил тоа – забележа Милошески.
Останатите гости кои беа дел од прес-конференцијата го пренесоа личното искуство со творештвото и животот на Ник Кејв.
На крајот од прес-конференцијата беше промовирана и книгата „Вера надеж и крвопролевање“ од Ник Кејв и Џон О’Хеган, што претставува едно обемно и интимно интервју во кое артистот раскажува за својот живот, за уметноста и за создавањето на неговите безвременски песни.


