МВР го потврди апсењето на Саит Саитов – младиот возач, кој прегази жена и избега, е фатен во Белград
Министерството за внатрешни работи потврди дека вчера во Белград е уапсен 18-годишниот Саит Саитов, кој минатиот месец прегази жена во скопската населба Капиштец и избега. По него беше распишана меѓународна потерница откако тој избега од државата, со помош на неговиот татко и роднини.
Препорачано
„На 11.02.2026 од страна на надлежните служби во Србија известени сме дека во Белград е лишен од слобода Саит Саитов од Скопје, кој се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР, под сомнение за извршени тешки кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, за кривично-правен настан кој се случи во Скопје на 09.01.2026“ соопшти МВР.

На Саитов му е одреден екстрадициски притвор и следува постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави, со цел негово екстрадирање во Македонија и изведување пред лицето на правдата и негово соодветно санкционирање.
Адвокатот Звонко Давидовиќ синоќа во поткастот „Претрес“ рече дека Саитов бил уапсен во српскиот град Врање, како и дека најверојатно приведен е и неговиот татко. Според адвокатот, роднините тврделе дека не знаат оти младиот Саитов прегазил жена, кога го пренеле преку граничниот премин „Табановце“.


