Муцунски: Има позитивен импулс, но сѐ уште нема решение за деблокада на преговорите со ЕУ
Постојано имаме комуникација со земји членки на Европската Унија, со европските институции и со нашиот сосед Бугарија за кои јавноста е информирана. На овие средби се зборува за наоѓање решение, но содржината и деталите не ги претставуваме поединечно пред јавноста бидејќи, кога би воделе преговори и разговори пред јавноста, тоа не би довело до решение. Ве уверувам дека кое било решение што би го донеле ќе биде во рамки на принципите и постулатите што Владата јавно ги претставила. Вака министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, ја коментираше неодамнешната изјава на евроамбасадорот Михалис Рокас дека многу работи се прават зад радарот за да се најде решение и Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На прашањето дали има некакво поместување напред во преговорите со Бугарија, шефот на дипломатијата посочи – има позитивен импулс. Но нема решение за да го претстават пред јавноста.
– Деблокадата на нашиот процес е од стратегиско значање, како за нас како држава, така и за целиот регион и за Европската Унија – порача Муцунски.
Тој се согласи со неодамнешниот став на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова дека уставните измени со цел внесување на Бугарите во уставот, не мора веднаш да бидат имплементирани, односно, дека во Преговарачката рамка нема како што рече, ниту експлицитна, ниту имплицитна одредба според која влегувањето во сила на уставните измени претставува некаква одредница за одблокирање на преговарачкиот процес. На новинарска забелешка дека во Вториот протокол е јасно наведено дека преговарачкиот процес ќе продолжќи откако уставните измени ќе влезат во сила, Муцунски со одговор:
– Тоа е ваше толкување. Согласно моето толкување како министер и како правник протоколите не се дел од преговарачката рамка.
Во однос на најновиот нон-пејпер за проширување на Унијата на којшто потписници се осум земји членски на Унијата, меѓу кои и Грција, Муцунски рече дека Македонија како земја која не е членка на Унијата, нема големо влијание во одлучувањето за „хиперпродукцијата на идеи“, но дека дава свој инпут со предлози и мислења.
Имено, најновиот документ, зад кој стојат Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција, е поинаков од германско-францускиот нон-пејпер за постепена интеграција, и се залага за јасни и предвидливи правила во пристапниот процес и против воведување нови пречки за земјите кандидати.
Со нон-пејперот се бара заштитните мерки, транзициските аранжмани и механизмите за следење по пристапувањето на новите членки да се користат пропорционално, временски ограничено и да бидат поврзани со објективно идентификувани потреби. Едно од барањата е и избегнување на непотребни нови пречки за земјите кандидати, односно, целната линија да остане видлива и стабилна.
Што се однесува до прашањата на човековите права на Македонците во Бугарија, како што рече шефот на дипломатијата, тоа се прашања што Македонија ги активира постојано и на кои е многу ангажирана преку работењето во Советот на Европа.
– Ние сме прилично активна земја по повеќе предмети, но, меѓу другото, и предметите поврзани со ОМО „Илинден“ – Пирин и со други невладини организации на територија на Бугарија. За жал, поради долгогодишна грешка од пред 15, 20, па и повеќе години, ние не сме странка во тие постапки, иако сме можеле да бидеме, но тоа било погрешна одлука донесена во тој период. Меѓутоа, како земја членка на таа организација, имаме право да даваме свој импут и свои гледишта и тоа активно го правиме во Комитетот на министри, каде што инсистираме на доследно спроведување и целосно имплементирање и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, бидејќи тоа го сметаме како значајно цивилизациско достигнување во денешна Европа – рече Муцунски и потсети дека Македонија ќе го преземе претседавањето со Советот на Европа во 2028 година.


