Му се множат кривичните пријави на доктор Мухамед Асани: Црн ден беше денот кога ја породи жена ми!

Му се множат кривичните пријави на директорот на струшката болница и гинеколог, доктор Мухамед Асани. Прва е онаа од родилка од Дебар, која се породила во струшката болница но од операцијата излегла без јајник, матка и бубрег. Откако овој случај го доби вниманието на јавноста, се јавуваат и други граѓани во нашата редакција кои што исто така кривично го гонат гинекологот Асани, за наводна лекарска грешка.

Родилка од Дебар доживеа хорор во болница: Ми извадија три здрави органи без да ми кажат

Овојпат, инволвирано е двегодишно бебе, кое е родено со предизвикана асфиксија, односно церебрална парализа, а семејството го обвинува директорот на струшката болница и гинеколог што го извршил породувањето доктор Мухамед Асани за лекарска грешка.

Фото: Приватна архива

Таткото Бајрам Несимоски од Дебар најмил адвокат кој кривично ќе ја гони болницата и раководителот. Се почнало на 26 декември 2018 година кога на сопругата на Бајрам, Сенида, и дошло времето да се породи. Дотогаш бременоста ја следел матичен гинеколог во Дебар, кој ниту еднаш не констатирал проблеми, туку утврдувал дека бременоста е регуларна.

Но, еден ден им кажал на мајката и на таткото, дека околу вратот на бебето има обмотана папочна врвка и дека пораѓањето ќе ги упати да го извршат во болницата во Струга.

Таткото на бебето, Бајрам Несимоски за „Слободен печат“ изјави дека знае дека ништо нема да го врати здравјето на неговото бебе, кое не се однесува како другите деца на двегодишна возраст, а причината за тоа според него, е несоодветно породување.

Фото: Приватна архива

– Црн ден беше денот кога ја породи жена ми! Мојот случај е стар две години. Нон стоп сум по болници со малата од 26 декември 2018 година, нејзината состојба е предизвикана. Не е вродена. Никој не презма ништо! Побарав историјат за малата, ми рекоа од струшката болница дека тоа било тајна за пациентот. Но јас сум родител, како може за мене да е тоа тајна. Тој треба да потпише историјат што е преземено во тие осум часа додека жена ми била во гинеколошката сала, тој документ не ми го дава. Девојчето може секој да го види, уште ништо не знае сирото. Не знае ништо, блокирана е, повредена е. Останата е без кислород долго време. Жена ми имаше регуларна бременост и наместо пораѓањето да биде изведено со царски рез, тоа е направено на природен начин. Како може да се врши породување на природен начин и без царски рез, ако знаат дека има замотана папочна врвка околу вратот?! На сите документи пишува дека асфиксијата е предизвикана, ни изјави Несимоски.

Целата документација од породувањето на жена му, ја побарале од струшката болница во јули минатата година. Потребна им е за кривичната пријава, за вештачења и за следење на здравствената состојба на двегодишното девојче. Меѓутоа, до денеска одговор немаат.

Фото: Приватна архива

– Ни беа побарани и 100 евра за некое апче за полесно раѓање. Ама по породувањето ми ги врати парите и си помислив дека најлошото дошло, дека жена ми починала, додава Несимоски.

Неговиот адвокат Вулнет Пачуку ни рече дека мака мачат да добијат документација од болницата од Струга како течело лекувањето и затоа ќе поднесат кривична пријава од обвинителството за да се обезбедат доказите и да се види дали при прием на мајката родилка бил направен ехо преглед, нешто многу важно во случајот, за да се види состојбата на плодот. Доколку лекарите знаеле дека папочната врвка е околу вратот на плодот, тогаш никако не би смееле да го извршат пораѓањето природно, туку со царски рез, дециден е Пачуку.

Вулнет Пачуку

– Се работи за случај каде сметаме дека има лекарска грешка, зашто сопругата на Бајрам, Санида, била бремена и целата бременост била следена во приватна ординација во Дебар и била нормална. Но, во еден момент, матичниот гинеколог утврдил дека папочна врвка е обмотана околу вратот на плодот и дал упат да оди на раѓање во Струга. Таму биле примени со цела документација каде пишува дека има папочна врвка обмотана околу вратот. Наместо докторот да направи преглед и да ја утврди состојбата и породувањето да го изврши со царски рез, тоа не е направено и пристапено е кон спонтано раѓање. Жената е оставена 8 часа така и раѓањето било со компликации. По пораѓањето кај бебето бил отсутен плач, зашто папочната врвка била обмотана околу вратот и бебето имало асфиксија. Плачот бил отсутен 45 минути што не смее да се случи, а се случило зашто било без кислород. Кога има папочна врвка обмотана околу вратот на плодот сметаме дека пораѓањето морало да се изврши со царски рез, а не спонтано. Бeбето било помодрено и без рефлексии и со периодично ослабено дишење. Детето е апсолутно неконтактибилно со светот, ни изјави адвокатот на семејството Вулнет Пачуку.

Доктор Мухамед Асани не одговори на нашите пораки и повици во врска со овој случај. Тој во врска со претходната кривична пријава од родилката која од неговата операциона сала излезе без матка, бубрег и без јајник, ни рече дека операцијата ја извршил совесно и дека донел одлука да не дава изјави и крајниот збор да го дадат надлежните.

За овој случај Министерството за здравство наложи Лекарската комора на Македониај да изврши стручен надзор во струшката болница, но конкретен резултат од овој надзор уште нема.

Директорот на струшката болница ќе добие кривична откако родилка остана без бубрег, матка и јајник при породување, се правда – оперирал совесно

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот