Мразот ги сотре овошките, земјоделците од понеделник може да пријавуваат штета
Одгледувачите на јаболка од Преспа, праските и кајсиите од Росоман, но и некои други овошни култури, претрпеа големи штети од минатонеделниот студен бран, кој донесе мраз во најчувствителниот период на развој на овошните плодови, кога дрвјата цутат.
Препорачано
Според министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на некои места кај овошните култури штетите достигнуваат и до сто отсто, односно целосно е уништена годинешната берба.
Трипуновски денеска во Преспа изјави дека локалните единици формирале комисии и откако ќе се процени штетата на терен, елаборатот ќе биде доставен до владината комисија, а со одлука на владата ќе бидат обештетени земјоделците кои претрпеа штети од ниските априлски температури.
– Сакам да информирам дека веќе денес на итна седница на Советот на Општина Ресен ќе се донесе одлука за прогласување на природна непогода, ќе се формира комисија за процена на штета и од понеделник ќе се објави Јавниот повик на кој што сите земјоделци треба да пријават, ако имаат настанати штети од ниските температури во изминативе денови – рече Трипуновски.
Тој ги повика сите земјоделци од понеделник да ги пријават настанатите штети од мразот. Општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и процени коишто се направени на терен.


