Можна местенка во македонскиот фудбал, Работнички се огласи по сомнителниот резултат со Охрид
Во македонската фудбалска јавност се појави информации за можен наместен натпревар и тоа од пријателски карактер, а сега се огласи и Работнички, клуб кој беше дел од натпреварот во кој можеби имало некакви заткулисни игри.
Препорачано
„Зачудувачкиот и убедлив пораз на ФК Охрид од ФК Работнички (2:8) отвори сериозни сомнежи за регуларноста на натпреварот, особено ако се има предвид дека охриѓани се лидер во Втора МФЛ по првата полусезона, додека Работнички води битка за опстанок во Првата лига. Според неофицијални информации, во Фудбалската федерација на Македонија е доставена пријава во која се наведува дека натпреварот бил одигран под сомнителни, односно „матни“ околности. Во пријавата се посочува дека дел од примените голови од страна на Охрид не биле резултат на реална фудбалска немоќ, туку на очигледен недостаток од ангажман, сериозност и натпреварувачки аспект кај фудбалерите на теренот.Дополнителен аларм се неофицијалните информации од обложувачките кругови, каде што, наводно, биле забележани невообичаено високи влогови за време на натпреварот и тоа на обложување поврзано со голем број постигнати голови во одредени периоди од мечот. Според истите извори, вкупната сума на вложените средства надминува 70.000 евра, бројка што тешко може да се третира како случајност“, стои во дел од објавата на Фејсбук профилот на „Мак Спорт“
Откако се појавија натписите во јавноста се огласи и Работнички кој потенцираше дека тие не се вмешани во некакви нерегуларности и порача дека стои на располагање на Фудбалската федерацја на Македонија за било каква соработка.
Фудбалскиот клуб Работнички како клуб со интегритет и традиција апсолутно секогаш е во заложба за максимално спортска и витешка игра на фудбалските терени, и ќе продолжи да го прави тоа чесно и со единствена намера за почитување на фер-плеј и негување на вистинските спортски вредности.
Клубот ја информира јавноста дека на било каков начин не е вклучен во инсинуациите и можните обиди за задкулисни игри околу резултатот на пријателскиот натпревар против Охрид Лихнидос.
ФК Работнички има единствена цел што е можно подобро да го подготви тимот за вториот дел од сезоната и во таа насока и со чисто спортски намери го одигра натпреварот.
Клубот секогаш ќе вложува максимални напори за чист фудбал и за респект кон противниците и кон натпреварувањето и во таа насока апсолутно стоиме на располагање на Фудбалската федерација на Македонија за било каква помош и соработка.
Можна местенка во македонскиот фудбал, Работнички се огласи по сомнителниот резултат со Охрид


